Лорета Г. поранешна членка на Судскиот совет, е осомничена од полицијата дека како службено лице сторила кривично дело „измама во службата“.Во кривичната пријава, полицијата тврди дека Л.Г. (57) од Струмица, како службено лице – член на Судски совет, во периодот од 26 август до 15 јануари 2024 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно. Со тоа го довела во заблуда Судскиот совет, да ѝ исплаќа надоместок на трошоци за превоз.
-Пријавената Л.Г. во 2022 година имала промена на имотна состојба, односно нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот-стан во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет, за што од страна на Судски совет на пријавената за период од септември 2022 година (како месец по стекнувањето на имотот) до декември 2023 година (кога и престанало правото на надомест на трошоци за превоз по нејзино доставено известување на ден 15.01.2024), во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет, стои во пријавата.