| Јавноста бара мерки по инцидентот во Кисела Вода |
Тројцата Суданци на возраст од дваесетина години што кривично ќе одговараат откако истепале жител од Кисела Вода, барајќи му пари, биле мигранти со нерегулиран престој во Македонија, велат истражните органи.
Овој податок, кој не беше нотиран во полицискиот билтен, освен дека по апсењето биле префрлени во прифатниот центар за странци во Гази Баба, предизвика гнев кај јавноста и кон оние што регулирано, со работна дозвола, престојуваат во земјава. Така, граѓани на социјалните мрежи повикуваат за стоп за ризичните мигранти поради евтина работна сила, барајќи итна депортација.
Откако судот им одреди мерка притвор од 30 дена, тројцата илегалци, И. Ш. (20), Х. С. (20) и А. Г. (19) од Судан, се наоѓаат во истражен затвор, поради сторено разбојништво, дело за кое законот предвидува казна од пет до десет години. Одлуката ја носи судот или за нив ќе има судска постапка во која доколку одлуката е осудителна, тие ќе ја одлежат казната во македонските затвори, а по издржувањето ќе бидат депортирани или ќе бидат итно протерани со услов, објаснуваат за весникот ВЕЧЕР од истрагата.
Разбојништвото било пријавено во четвртокот, на трим-патеката на ул. „11 Октомври“ во Скопје. Додека се движел со своето куче, оштетениот М. Т. (27) од Скопје бил пресретнат од тројцата мигранти, кои побарале пари од него. Откако одговорил дека нема, му извршиле пребарување по џебовите, по што физички го нападнале, нанесувајќи му видливи повреди и оддалечувајќи се во непознат правец. Момчето пријавило, а полицијата ги уапсила. Во прифатниот центар за странци, во присуство на јавен обвинител, тоа ги препознало напаѓачите.
Од ОЈО Скопје за ВЕЧЕР велат дека е издадена наредба за истрага, осомничените биле илегално влезени и поседувале картички за азил издадени од Грција. Оттука и заклучокот дека „балканската мигрантска маршрута“ останува активна, најмногу се шверцуваат луѓе од Африка и делови од Азија, кои бегаат од војни, економски кризи, политички прогон.
Пред само неколку дена, од разбојништвото сторено од мигранти од Судан, полицијата, кај Гевгелија, уапси 21-годишен државјанин на Албанија откако превезувал четворица Египќани и еден Суданец во својот „мерцедес“. Во слична акција, пред неколку месеци, ама сега на северната граница, на Табановце, исто така возач од Албанија, во „мерцедес“ со албански таблици, шверцувал седуммина од Египет и еден од Судан. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за „Локално“ смирува дека е стабилна ситуацијата со мигрантите.
– И под контрола и покрај постојаните притисоци покрај балканската маршрута. Во координација со ФРОНТЕКС и со другите меѓународни партнери, активно дејствуваме како браник на европските граници и успешно се справуваме со криминалните мрежи за шверцување мигранти. Нашиот пристап е проактивен, со засилени контроли, размена на информации и заеднички операции што даваат конкретни резултати на терен – изјави Тошковски во саботата.
Статистиката на УНЦХР во 2025 година покажува дека во Македонија има многу мигранти што ефективно останале во државата во споредба со другите земји во регионот, тие се околу 28 лица и се само 1,1 % од вкупниот притисок на Западен Балкан. Тоа значи дека земјава и натаму е транзит за мигрантите. Во целата западна балканска маршрута, според УНХЦР и Фронтекс, имало неколку илјади мигранти што транзитирале во 2025 година, односно околу 8 555 лица транзитирале низ целиот регион од јануари до октомври минатата година.
Сепак, последниот случај со разбојништвото од мигранти го отвори прашањето во јавноста дали тие и евентуалното нивно „увезување“ како „економски работници“, пред сè поради вестите што доаѓаат од земјите од Западна Европа, поврзувајќи ги со најразлични криминални дела, ќе ја стават земјава како безбедносно ризична. Министерот Тошковски ги отфрла ваквите информации.
– Остро ги демантирам наративите што се шират дека во државата има прилив или присуство на проблематични мигранти, такво нешто едноставно нема. Станува збор за обид преку дезинформации да се создаде непотребна вознемиреност кај граѓаните, додека безбедносната состојба е стабилна и е под целосна контрола на институциите. Секој што легално престојува и работи во државата поминува низ законски процедури и безбедносни проверки. Додека ние раководиме со безбедносниот сектор, нема да дозволиме никакви проблематични појави што би ја загрозиле сигурноста на граѓаните – уверува министерот за полиција.
Граѓаните на Македонија, според истражувањата на невладините организации, често имаат предрасуди кон странските државјани, но кога престојуваат лицата легално и работат, не треба да има дискриминација или негативни стереотипи без реални, фактички причини, велат од граѓанските здруженија за човекови права. Дека се точни ваквите констатации на граѓанските активисти, покажуваат и негативните коментари на социјалните мрежи кон работниците од Непал, Индија… кои го илустрираат погледот на стигматизација во општеството, ставајќи ги легалните странски работници во ист кош со мигрантите сторители на насилен криминал.
Бројот на илегални преминувања по балканската маршрута значително опаднал, па така во 2025 година биле регистрирани околу 12.525 илегални премини, што е за 42 % помалку отколку во 2024. Падот продолжува и во 2026 година, само 222 премини по балканската маршрута во првиот месец од годинава. И покрај намалувањето на бројот, експертите предупредуваат дека строгите политики за контрола на границите не ги елиминираат шверцерските мрежи – тие само ги тераат мигрантите на попрецизни и поопасни маршрути што се тешки за следење и контролирање, што го комплицира собирањето на точни бројки. (П. А.)












