Нападите на САД и Израел врз Иран, како и одговорот на Техеран, го потресоа глобалниот пазар на нафта и ги поттикнаа стравувањата од нагло зголемување на цените на енергијата.
Иако Иран учествува само со три до четири проценти во светското производство на нафта, неговата клучна географска позиција – по должината на Ормутскиот теснец, најважниот пат за транспорт на нафта во светот – предизвикува загриженост кај аналитичарите. Околу една петтина од вкупната потрошувачка на нафта во светот поминува низ тој теснец.
Во случај на продолжено затворање или сериозно нарушување на сообраќајот, цената на нафтата би можела да ја премине психолошката бариера од 100 долари за барел. Ова дополнително би ја оптоварило глобалната економија и би ги зголемило инфлациските притисоци што веќе се присутни.
„Доколку конфликтот продолжи и почне да влијае на понудата – или преку намален извоз од Иран или преку обиди за блокирање на Ормутскиот теснец – цената на нафтата би можела да скокне на 100 долари за барел“, предупреди Вилијам Џексон од „Капитал економикс“.
Иран произведува околу 3,3 милиони барели нафта дневно, што го прави четврти најголем производител во рамките на ОПЕК. Има околу 12 проценти од светските резерви на нафта, но производството е ограничено поради годините санкции и недоволните инвестиции.
И покрај санкциите, Техеран пронајде начини да продолжи со извозот – дури 90 проценти од иранската нафта завршува во Кина. Благодарение на кинеската побарувачка, Иран го зголеми производството за околу 1 милион барели дневно од 2020 до 2023 година, пишува DW.
Ормутскиот теснец го поврзува Персискиот Залив со отвореното море и е главна артерија за извоз на нафта од Саудиска Арабија, ОАЕ, Кувајт и Ирак. Околу 20 проценти од светската потрошувачка на нафта и дури 30 проценти од глобалната поморска трговија со сурова нафта минуваат низ него.
Иран постојано се закануваше дека ќе го затвори теснецот, но никогаш не го стори тоа – бидејќи тоа ќе го загрозеше сопствениот извоз и ќе предизвикаше силен меѓународен одговор.
Сепак, поради сегашниот конфликт, некои превозници и трговци веќе го прекинаа транспортот преку оваа рута од безбедносни причини. Аналитичарите проценуваат дека прекинот би можел да го блокира снабдувањето до 15 милиони барели дневно. Дури и со алтернативни рути, загубата би била помеѓу осум и десет милиони барели дневно.
„Без оглед на тоа дали теснецот е формално затворен или шпедитерите го избегнуваат поради ризикот, ефектот врз пазарот е речиси ист“, предупредува „Рајстад Енерџи“.
Може ли ОПЕК+ да го стабилизира пазарот?
ОПЕК+ објави поголемо од очекуваното зголемување на производствените квоти. Под нормални околности, ова би ја намалило цената на нафтата. Меѓутоа, ако физичкиот транспорт преку Ормутскиот теснец остане ограничен, дополнителното производство ќе има ограничен ефект.
Саудиска Арабија веќе го зголеми извозот, можеби обидувајќи се да ги ублажи евентуалните прекини. Сепак, експертите предупредуваат дека ваквите мерки се краткорочни и не можат да ги компензираат долгорочните прекини во снабдувањето.
Какво е влијанието врз глобалната економија?
Растечките цени на нафтата директно влијаат на инфлацијата и трошоците за производство низ целиот свет. Економистите проценуваат дека зголемувањето на цените на нафтата од пет проценти обично ја зголемува инфлацијата во големите економии за околу 0,1 процентен поен.
Доколку цената на суровата нафта од типот Брент достигне 100 долари за барел, глобалната инфлација би можела да се зголеми за дополнителни 0,6 до 0,7 процентни поени – што дополнително ќе ја комплицира борбата на централните банки против зголемувањето на цените.
Накратко, судбината на глобалната економија во наредните недели во голема мера зависи од тоа дали конфликтот ќе остане под контрола – или ќе го наруши еден од најважните енергетски патишта во светот.












