Уставниот суд најостро ја осудува реториката основана на лаги и на манипулации за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познат како „линеарно зголемување на пензиите”. Во соопштението до јавноста, од Уставниот суд оценуваат дека се нападнати интегритетот, самостојноста и независноста на судијата известител, Добрила Кацарска.
– Тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“ не се недозволени и можат да создадат погрешна перцепцијата за работењето и за постапувањето на Уставниот суд. Јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот. Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот и го поткопуваат неговиот авторитет. Судот ги носи одлуките со мнозинство гласови на судиите, а не со глас на еден судија. Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата известител и врз целата институција и е опасен преседан во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за „партиска“ – велат од Уставен.
Оттаму сметаат дека прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот.
По соопштението од Уставен суд се огласија од ВМРО-ДПМНЕ од каде што посочија дека Кацарска „не само што беше поддржувач на неправдата, туку нејзин активен чинител“.
– За да е нападнат нечиј кредибилитет, судијата треба да има кредибилитет. А Добрила Кацарска го изгуби во времето кога судеше 200 години затвор за 27 април и стана преку ноќ уставен судија со што покажа дека е обичен апаратчик на минатата власт. Судиската тога не ја прави добар судија, туку одлуките со кредибилитет, кој Кацарска ги нема – е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.












