Утрово во стручно училиште во германскиот град Есен бил анападната наставничка, објавија германските медиуми. Полицијата веднаш реагирала на местото на настанот, а осомничениот е уапсен.
Според полициското соопштение објавено на X, осомничениот првично избегал, но подоцна бил „забележан и недвосмислено идентификуван“. Во соопштението се вели дека наставничкаста претрпела убодни рани и била однесена во болница по укажаната прва помош.
„Според моменталните информации, наставничката претрпела убодни рани во нападот“, соопшти полицијата. Засега нема информации дали некој друг бил нападнат.
Иако се појавија првични извештаи дека станува збор за ученик во училиштето, полицијата сè уште не го потврдила ова.
Портпаролот на градот Есен изјави дека станува збор за градско стручно училиште со околу 1.780 ученици. Училиштето сè уште не дало коментар. На својата веб-страница се наведува дека нуди образование во областите на исхрана и домаќинство, како и во секторите за социјална и здравствена заштита.