Кошаркарот на Фенербахче и поранешен француски репрезентативец, Нандо де Коло, објави дека ќе ја заврши својата играчка кариера на крајот од сезоната, објави „Баскетњуз“.
- Не реков дека ќе се пензионирам ако ја освојам Евролигата со Фенербахче. Но, да бидам целосно искрен, ова ќе биде мојата последна сезона. Веќе некое време размислувам за тоа. Од почетокот на сезоната, имав идеја дека ова може да биде мојата последна година, изјави Де Коло за францускиот медиум.
Покрај Фенербахче, францускиот кошаркар играше и за Азвел, Шоле, Валенсија, Сан Антонио, Торонто и ЦСКА од Москва. Тој двапати ја освои Евролигата со ЦСКА, во 2016 и 2019 година, а во 2010 година беше победник на Еврокупот со Валенсија. Исто така, освои пет медали на големи натпреварувања со француската репрезентација.











