Општина Аеродром започна активности за целосно расчистување на запуштената локација зад ТЦ „Бисер“, во близина на трите кули, каде што биле поставени нелегални импровизирани објекти.
– По извршениот увид од општинските инспекциски служби, во соработка со екипите на Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром, веднаш се пристапи кон расчистување на просторот – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму наведуваат дека во наредниот период оваа локација ќе прерасне во модерно и пријатно уредено катче, наменето за сите граѓани, опремено со нова урбана опрема и со хортикултурно уредување.
– Ваквите акции за унапредување и заштита на јавниот простор ќе продолжат и во наредниот период, со цел создавање почиста, поубава и побезбедна животна средина за сите жители на Аеродром – потенцираат од Општина Аеродром.












