Македонија се подготвува од наредната година да влезе во системот на ЕУ на инстант плаќање. Банката на Италија ќе развие клон на ТИПС преку кој давателите на платежните услуги им овозможуваат на граѓаните и на компаниите во ЕУ брз пренос на парични средства во евра, во кое било време во текот на денот, за викенди и за празници.
– Со неговата примена, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат брзи, сигурни и поевтини трансакции, според стандардите на ЕУ. Тоа ќе овозможи големи придобивки за економијата. Плаќањата ќе се порамнуваат многу бргу имајќи предвид дека 99% од нив би се обработиле во рок од 5 секунди, додека останатиот 1% во рок од 10 секунди – вели гувернерот Трајко Славески.
Најголемата новина е воведувањето на таканаречената верификација на корисникот. Пред да се изврши трансферот, системот автоматски проверува дали името на примачот се совпаѓа со внесениот ИБАН-број. Доколку има несовпаѓање, корисникот добива моментално предупредување и може да одлучи дали сака да ја продолжи трансакцијата. Оваа функција е бесплатна и важи и за инстант и за класични трансфери

Македонија сè уште не е влезена во системот на инстант плаќање заедно со другите земји од Западен Балкан, кои се подготвуваат од наредната година да го стават овој систем да биде целосно оперативен. Новите правила во еврозоната стапија во сила на 9 октомври и сите банки, штедилници и даватели на услуги за плаќање во земјите на ЕУ кои веќе нудат стандардни СЕПА-трансфери, се должни да ги воведат за да се овозможат инстант банкарски трансфери. Имено, во земјите на ЕУ веќе нема да се чека уплатата преку банка да легне на сметката на примачот за два дена, туку плаќањата ќе бидат брзи, во рок од неколку секунди, независно во кое време од работниот ден, викенд или празник, каде што процесот на порамнување функционира 24/7.
На 7 октомври Македонија го стартуваше системот за плаќања во рамките на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што се овозможи изедначување на условите за плаќање во евра за сите учесници, независно од нивната местоположба, односно изедначување на националните и на прекуграничните плаќања во евра. Се очекуваше со ИБАН-системот на инстант банкарско плаќање во реално време да се заокружи целиот процес.
За таа цел, гувернерот Трајко Славески, кој се наоѓа во Вашингтон на Годишните средби на ММФ и Светската банка, заедно со гувернерите на централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, го потпиша Писмото на намери со гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, врз основа на кое Банката на Италија ќе развие клон на ТИПС (англ. Тarget Instant Payment Settlement) за овие пет земји од Западен Балкан, согласно со одлуката на Управниот совет на Европската централна банка. Србија има сопствен систем во рамките на централната банка и е надвор од тој процес.
– Преку ТИПС, давателите на платежните услуги им овозможуваат на граѓаните и на компаниите во Европската Унија брз пренос на парични средства во евра, во кое било време во текот на денот, за викенди и за празници. Клонот на ТИПС, развиен со поддршка на ЕЦБ, ќе овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Со неговата примена, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат брзи, сигурни и поевтини трансакции, според стандардите на Европската Унија. Тоа ќе овозможи големи придобивки за економијата. Плаќањата ќе се порамнуваат многу бргу имајќи предвид дека 99% од нив би се обработиле во рок од 5 секунди, додека останатиот 1% во рок од 10 секунди – истакна Славески.
Народната банка ќе овозможи решенија со чија помош граѓаните ќе може да иницираат плаќања на едноставен начин. Ќе можат со внесување на бројот на мобилниот телефон на примачот, да извршат пренос на парични средства на друго лице чија платежна сметка не ја знаат однапред.
– Овие решенија ќе овозможат ефикасно иницирање плаќања на физичките и на виртуелните продажни места без користење платежни картички, што ќе им овозможи на трговците да ги примат паричните средства во рок од неколку секунди и да располагаат со нив веднаш. Со тоа, нашата земја прави важен чекор кон интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот платежен простор – изјави гувернерот Славески.
Клонот на ТИПС е наменет за инстантно извршување домашни плаќања во националните валути на земјите од Западен Балкан, со можност за поврзување со ТИПС за извршување плаќања во евра во СЕПА. Целта е да се обезбеди интероперабилност и единствена платежна мрежа меѓу регионот и ЕУ, што ќе го олесни движењето на капиталот и трговијата.
Оператори на платните системи за инстант плаќања ќе бидат централните банки, со тоа што информациските системи на давателите на платежните услуги во земјава ќе бидат приспособени кон барањата и стандардите на клонот на ТИПС, при што техничката инфраструктура е обезбедена од Банката на Италија, со што значително ќе се олеснат развојот и одржувањето на инфраструктурата на централните банки од Западен Балкан.
Најголемата новина е воведувањето на таканаречената верификација на корисникот. Пред да се изврши трансферот, системот автоматски проверува дали името на примачот се совпаѓа со внесениот ИБАН-број. Доколку има несовпаѓање, корисникот добива моментално предупредување и може да одлучи дали сака да ја продолжи трансакцијата. Оваа функција е бесплатна и важи и за инстант и за класични трансфери. Целта е да се намали бројот на грешки при внесување податоци и да се спречи измама со лажни ИБАН-сметки.
Регулативите на ЕУ не бараат од банките да нудат инстант трансфери бесплатно, туку цената да биде иста или пониска од стандардната СЕПА-трансакција. Значи, ако банката наплаќа едно евро за обичен трансфер, инстант трансакцијата мора да чини едно евро или помалку, но не повеќе.
Друга важна промена е укинувањето на старото ограничување од 100.000 евра по трансфер. Секоја банка сега може да постави свои лимити, во зависност од видот на клиентот и од каналот за плаќање. Во исто време, новите правила ги обврзуваат банките да овозможат персонализирани дневни лимити што им дава на корисниците поголема контрола и дополнително ниво на безбедност.
(С. Бл.)