Сидрото што лежи `рѓосано на кејот на реката Вардар под Камениот мост никој не го забележува, тоа е во многу неугледна состојба и е скриено од очите на јавноста. Има голем потенцијал да стане туристичка атракција поради интересната приказна поврзано со него. Се работи за котва што е остаток од брод што го носел името на нашиот град. Бродот го добил името „Скопје“ со одлука на бродоградилиштето „3 Мај“ од Риека. Спаѓал во класата полутоварни бродови со носивост од 10.000 тони и пловел со години по сите светски мориња. Во 1984 година, кога, конечно, бил целосно амортизиран, се вратил дома, во Риека, на сечење и топење. Тогаш сидрото го испратиле во Скопје и тоа и ден-денес стои под Камениот мост, пркосејќи му на времето, но и паѓајќи во заборав, бидејќи многу малку се зборува за славното минато на бродот „Скопје“. Иако уште од 2019 година се ветуваше дека ќе стане магнет за туристите, не е направено ништо околу тоа

Сигурно, многумина го имаат забележано сидрото на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје, но не сите ја знаат неговата историја.
Се работи за котва што е остаток од брод што го носел името на нашиот град. На 20 септември 1948 година, претседателот на Градското собрание на Скопје добил покана од бродоградилиштето „3 Мај“ од Риека. Поканата гласела: „Градот Скопје да испрати делегација на свеченото пуштање на бродот ‘Скопје’ во море“.
Со одлука на бродоградилиштето „3 Мај“ од Риека, бродот го добил името „Скопје“. Тогашната претседателка на Градското собрание на Скопје, Вера Ацева, веднаш ја одредила делегацијата што требало да присуствува на свеченоста во Риека. Задачата била делегацијата веднаш да се подготви за пат во Риека и со себе да понесе, како подарок, еден персиски килим.
Бродот „Скопје“, кој спаѓал во класата полутоварни бродови со носивост од 10.000 тони, со години пловел по сите светски мориња. Во 1984 година, кога, конечно, бил целосно амортизиран, се вратил дома, во Риека, на сечење и топење. Тогаш сидрото го испратиле во Скопје и тоа и ден-денес стои под Камениот мост, пркосејќи му на времето, но и паѓајќи во заборав, бидејќи многу малку се зборува за славното минато на бродот „Скопје“.
Скопјани, сигурно, се сеќаваат дека првично стоеше од десната страна на Старата железничка, па беше префрлено на кејот.
Тоа сега му пркоси на времето, оставено само на себе од страна на надлежните органи на Скопје. Сидрото, кое лежи `рѓосано, никој не го забележува, тоа е во многу неугледна состојба и е скриено од очите на јавноста. Има голем потенцијал да стане туристичка атракција поради интересната приказна поврзана со него. Иако уште од 2019 година се ветуваше дека ќе стане магнет за туристите, не е направено ништо околу тоа. Тогаш градските власти ветуваа дека сидрото ќе стане дел од туристичката понуда на градот, бидејќи се предвидуваше тоа со програмата за туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите во Град Скопје за 2019 година.
Сидрото, кое лежи на кејот на Вардар, требаше да биде реставрирано и изложено на посоодветно место, каде што ќе може туристите да прочитаат за неговата интересна историја.
Дали новите градски власти ќе се заложат за тоа, останува да се види.
(А. П.)












