Наместо испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел, американските експерти сè повеќе предлагаат вниманието да се насочи кон снабдување на Украина со тактички ракетни системи со среден дострел – ERAM и ATACMS. Како што објави Асошиејтед Прес (AP), таков пристап би можел да има побрзи и поефикасни резултати на бојното поле.
Според американскиот аналитичар за одбрана Марк Монтгомери, одлуката на Вашингтон да не испраќа „Томахавк“ во Киев не е само воена, туку и политичка.
„Ракетите ERAM имаат пократок дострел, но тие би ѝ овозможиле на Украина да изврши оперативен притисок врз руската логистика, командните центри и контролните системи во радиус од неколку стотици километри од фронтовската линија. Ова би можело да биде многу ефикасно“, изјави Монтгомери за АП.
Додека „Томахавк“ има дострел од околу 1.600 километри, ракетите ERAM имаат дострел од околу 460 километри, а ATACMS околу 300 километри. Иако последните две имаат значително пократок дострел, нивната предност лежи во полесната интеграција во постојните украински системи, побрзата обука на екипажот и помалите политички ризици за Соединетите Американски Држави.
„Испораката на „Томахавк“ би била силен сигнал, но би барала месеци логистички подготовки и дополнителни одлуки на највисоко ниво. Затоа, Соединетите Американски Држави во моментов се обидуваат да му обезбедат на Киев она што може брзо да се искористи во војната што е во тек“, изјави неименуван извор од Пентагон за американските медиуми.