Привремената мерка предвидува билатерални договори со земјите членки за издавање национални Д-визи, наместо воведување единствен европски статус за професионалните возачи. Процесот за усвојување на новата Визна стратегија на ниво на ЕУ може да трае и до две години, што го прави ова решение единствено можно во краток рок. Транспортниот сектор предупредува дека станува збор за административно покомплициран модел, но засега неопходен за да се избегнат дополнителни блокади и санкции во Шенген зоната.

 

Предлогот на Европската комисија македонските професионални возачи наместо посебен статус да добијат таканаречени Д–визи за подолг престој во земјите од Шенген зоната отвори сериозни дилеми во транспортниот сектор. Решението се оценува како преодно, додека не биде усвоена новата Визна стратегија на ниво на Унијата – процес кој, според проценките, може да трае од една до две години.

На втората средба на работната група во Брисел, на која учествуваа претставници од шесте држави од Западен Балкан, јасно било укажано дека целосното системско решение преку новата визна стратегија бара согласност од сите 29 земји на Шенген зоната. Тоа, според учесниците, е сложена процедура што не може да се реализира во краток рок. Во меѓувреме, како побрзо решение се предлага билатерален пристап – односно директни разговори со одделни држави за издавање национални Д-визи, со што македонските возачи би можеле да престојуваат подолго од досегашните 90 дена во рамки на правилото 90/180.

Предлогот бил инициран од хрватскиот претставник во работната група, кој посочил дека во Хрватска веќе е започнат процес за измени на законската рамка што го регулира издавањето Д-визи за лица од трети земји кои немаат работодавач во сопствената држава. Овој модел, според информациите од состаноците, би можел да се примени и во други земји членки преку прилагодување на националните прописи.

Во Скопје, за време на официјалната посета на еврокомесарот за внатрешни работи и миграции Магнус Брунер, се одржале состаноци со претставници на Владата и транспортниот сектор. Од надлежните министерства било најавено дека ќе се интензивираат разговорите со повеќе земји членки, меѓу кои Грција, Бугарија, Унгарија, Словенија, Романија, Германија и Австрија, со цел прилагодување на условите за издавање визи за македонските возачи. Во процесот веќе е вклучена и Швајцарија.

Целта е да се избегне броењето на денови на престој во оние земји каде што ќе бидат обезбедени Д-визи, додека ограничувањата би важеле само за државите со кои нема да се постигне договор. Според транспортните здруженија, ова е единствениот начин во краток рок да се надмине проблемот со престојот на возачите во Шенген зоната, особено по засилените контроли од страна на одредени земји членки по неодамнешните тензии и протести.

Медиумите во регионот различно го оценуваат предлогот. Хрватски и словенечки портали го нарекуваат „прагматично, но бирократски оптоварувачко решение“, предупредувајќи дека националните процедури може да значат дополнителни трошоци и административни бариери за компаниите. Српските економски медиуми посочуваат дека моделот со Д-визи може привремено да го олесни притисокот врз транспортниот сектор, но не нуди трајна правна сигурност. Бугарските анализи, пак, истакнуваат дека проблемот е дел од пошироката европска дебата за недостиг на професионални возачи и потребата од усогласена политика на ниво на Унијата.

Додека се чека усвојувањето на новата Визна стратегија на Европската комисија, македонските возачи остануваат во неизвесност – меѓу европските регулативи и националните политики, со надеж дека привременото решение нема да стане долгорочна пракса.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ