Наместо предизборни манипулации, решенија за вистински развој на македонското лозарство и на винската индустрија

15

Здружението „Вина од Македонија“ упатува апел до сите политички партии и други чинители во изборниот процес да не ги злоупотребуваат лозарите, винарниците и темите поврзани со состојбите во лозарството и во домашната винска индустрија, како начин за привлекување гласачи. Последниот ваков пример доаѓа од опозициската партија СДСМ, која токму во предизборниот период најави дека по скратена постапка ќе предложи измени на Законот за вино, чија единствената цел е да се изврши дополнителен притисок врз државата и врз винарниците да дадат уште повеќе пари за откуп на грозјето, без да се води сметка за тоа дали има реална основа за ваквото барање и дали се темели тоа на пазарната логика.

Опозициската партија најавува дека ќе бара и укинување на законската одредба што им дава можност на откупувачите да добијат 8 % попуст при авансното плаќање на откупеното грозје, иако беше донесена во мандатот на претходната влада, во која учествуваше оваа партија. Инаку, одобрувањето на попуст за авансно плаќање е општо прифатено во бизнисот насекаде во светот и претставува економски рационален механизам за стимулирање на предвремените плаќања, кои кај нас се опција.

Што се однесува до методологијата за формирање на цените и до начинот на исплата на откупеното грозје, кои се дефинирани во постојниот Закон за вино, здружението „Вина од Македонија“ веќе иницираше измени на овој Закон, со цел бришење на овие одредби, кои се спротивни на Уставот и ги задушуваат претприемништвото и пазарната економија.

Здружението потенцира дека секое непазарно и административно определување на цените на грозјето доведува до значително зголемување на трошоците на винарниците, а со тоа и на продажните цени на македонското вино, со што тоа станува неконкурентно на пазарите каде што се извезува. Со ваквиот пристап, постои ризик од губење на клучните извозни пазари и од пропаѓање на домашните винарници.

Единствен начин да се спречи ова натамошно финансиско исцрпување на македонските винарници е наместо со закон, да се утврдува цената на грозјето помеѓу производителите на грозје и вино, според пазарните механизми на понуда и побарувачка и на показателите што се применуваат секаде во светот, како принос, квалитет и географска ознака. Само на таков начин ќе се овозможат одржување на конкурентноста на македонските вина на странските пазари, зголемени инвестиции во квалитетно производство и исплата на повисоки цени за грозјето за оние лозари што нудат подобар квалитет.

Здружението „Вина од Македонија“ смета дека наместо да биде ставен фокусот на манипулативните предлози, кои имаат краткорочен политички ефект, треба да се насочи дебатата кон системските прашања од суштинско значење за иднината на македонското лозарство и на винската индустрија, како: воведување и почитување на светските стандарди и практики во лозарството, кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и на виното; вложување во модернизација на лозарството преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето и воведување географски ознаки, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје; поддршка за винарниците што вложуваат во производство на квалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, напредни технологии и одржлив развој; стимулирање на извозот на вино, по примерот на успешните вински земји, со што ќе се зголеми извозот и позиционирање на македонското вино на глобалната винска мапа, што ќе донесе трговска размена и поголем девизен прилив и следствено, ќе донесе повисоки цени за грозјето.

Светската винска индустрија доживува криза, која се манифестира со намалување на производството на вино и со напуштање на лозовите насади во некои од водечките вински земји како Франција. Во вакви услови, успеваат само земјите што имаат добра стратегија и визија за одржлив развој, ја следат пазарната логика и водат разумни политики.

Квалитетното македонско вино е еден од ретките домашни производи со додадена вредност и вистински амбасадор на нашата земја. Затоа заслужува да му се посвети вистинско внимание и да се избере соодветен пристап со кој ќе се ослободи неговиот потенцијал за натамошен раст и развој.

ИЗДВОЕНИ