Неисплатени и задоцнети субвенции, намалено производство, недостиг на работна сила, зголемени трошоци за гориво, ѓубрива и семенски материјал, немање средства за инвестиции и набавка на нова земјоделска механизација… се дел од проблемите кои ги мачат земјоделците во државата. И покрај тоа што секоја година е сè потешко да се произведе и да се одржи моменталната продукција, земјоделците кренаа раце во борбата за спас на македонскиот аграр. Велат дека е бесцелно да се бориш за некакви промени и за зголемување на производството кога немаш мотив, односно кога не знаеш дали производот ќе го продадеш, кога и по која цена. Најголем проблем, според нив, е што земјоделците станаа политичари и ги бранат интересите на политичките партии, а не на земјоделците. Поради тоа, тие сметаат дека сè додека има политика во земјоделството, нема напредок.
Според нив, кај нас нема наскоро да видиме грчко сценарио, односно повеќедневни масовни земјоделски протести и блокади поради доцнење и неисплатени земјоделски субвенции бидејќи кај нас, како што велат во земјоделството, „цветаат рози“.
– Во Грција има земјоделци, а кај нас нема бидејќи земјоделците станаа политичари. И покрај тоа што субвенциите не се исплаќаат редовно и има доцнење на субвенциите кои се исплаќаат една година наназад, земјоделците не организираат протести. Причината е што тие што ги водат земјоделските здруженија, нивните претставници и советници се претставници на некоја политичка партија. Сè додека политиката е длабоко навлезена во земјоделството, нема развој и напредок во македонскиот аграр. Земјоделците треба да го гледаат само нивниот интерес бидејќи ако не ги решат проблемите сега, во иднина ќе биде уште полошо, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ристо Велков, земјоделски агроном и земјоделски производител.
Според него, не се само субвенциите, има многу проблеми кои се провлекуваат со години и кои го доведоа земјоделството во ваква состојба во која е денес.
– Во Неготино има 20 милиони килограми неоткупено грозје, во Чешиново и Облешево оризовата арпа стои во силоси непродадена поради ниската откупна цена. Земјоделците се во неизвесност колку да садат бидејќи не знаат кога и по која цена ќе го продадат произведеното. Ниските откупни цени, несигурниот пласман и високите цени на репроматеријали го сведоа на минимум македонското земјоделско производство, вели Велков.
Ставот на Националната земјоделска мрежа е дека нема да има развој сè додека има нарушување на законите според кои функционира пазарната економија.
– Таму каде што се вкрстуваат економијата и политиката, нема развој. Кај нас не е проблем само што доцнат земјоделските субвенции, туку поголем проблем е што субвенциите за тековната се исплаќаат во наредната година. Крајниот рок за исплата на субвенции за 2025 година е 30 јуни наредната година. Тоа значи дека земјоделците мора сами да се кредитираат, односно мора да вложат, а не знаат кога и колку од тоа ќе им се врати. За висината на субвенциите да не зборуваме, сè се зголеми, од цени на ѓубрива, репроматеријали, семиња, препарати за заштита…, а тие останаа исти. За споредба, во Словенија се одвојуваат 600 милиони, а кај нас 100 милиони евра годишно за земјоделски субвенции, за весникот ВЕЧЕР вели Ѓорѓи Каракашев, кој е дел од оваа здружение.
Во сточарството во 2025 година имаше намалување на субвенциите и ненавремена исплата што доведе до намалување на сточниот фонд, на производството на млеко, месо, јајца и зголемување на нивните цени.
Сето ова доведе до напуштање на земјоделството од страна на младите и намалување на производството кај оние што останаа. Резултатот е зголемување на увозот на храна кој надмина една милијарда евра, со тенденција уште да расте. Моменталното земјоделско производство во државата е сведено на минимална продукција, без интерес за инвестиции и за развој.
Инаку, грчките земјоделци повторно излегуваат на протест поради доцнење и неисплатените земјоделски субвенции што им следуваат од државата. Според земјоделските здруженија, дел од средствата што требало да бидат исплатени во текот на есенскиот период сè уште не се префрлени, што предизвикало големи финансиски проблеми за производителите во период кога трошоците за гориво, ѓубрива и работна сила се значително повисоки.
Претставници на земјоделските федерации предупредуваат дека, доколку државата не достави јасен план за исплата, протестите ќе се прошират низ целата земја, а на удар ќе бидат клучни сообраќајници, пристапни патишта кон големите градови и неколку гранични премини кон соседните држави. Земјоделците велат дека „производството е на работ на опстанок“, а широките блокади, доколку се реализираат, би можеле да создадат сериозни проблеми во транспортот и во снабдувањето во целиот регион.
(А. С.)












