На Македонија ѝ се потребни дополнителни 2 месеца за да го стартува системот за плаќања во рамки на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), која првично беше најавено дека ќе почне на 6 октомври. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вели дека за подготовка на системот се потребни дополнителни два месеца, односно да профункционира во текот на декември.
– Заради подготовката на системот нам ќе ни требаат уште два дополнителни месеца и до крајот на годината, односно, во текот на декември, системот ќе стане целосно оперативен – изјави Славески.
Членството во СЕПА се смета за голема придобивка за нашата земја бидејќи ќе овозможи значително пониски трошоци за префрлање на евра и плаќање со единствената европска валута. Се очекува годишните заштеди на граѓаните за банкарски надоместоци да бидат меѓу 50 и 60 милиони евра, а големи придобивки ќе имаат и компаниите.
Советот на Народната банка во јули воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија.