Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во медиумско гостување објасни дека на локацијата кај болницата „Козле“ има поширок простор, каде што може да се изгради монтажен паркинг, што би им овозможило на граѓаните безбедно да ги остават своите возила и да продолжат понатаму
Наместо од црквата „Свети Јован“ кон средно Водно, трасата на вториот дел од жичницата на Средно Водно се менува и ќе биде од болницата „Козле“.
Ова го најави директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во медиумско гостување, нагласувајќи дека е во план да се реализира проектот заедно со Град Скопје.
Тој објасни дека на оваа локација има поширок простор каде што може да се изгради монтажен паркинг, што би им овозможило на граѓаните безбедно да ги остават своите возила и да продолжат понатаму.
– Доколку сакате да го паркирате возилото и да бидете сигурни дека има паркинг, ова е поповолно решение за разлика од претходната локација, каде што реално нема каде да паркирате возило и треба да одите пеш – вели Томовски.
Тој најави дека треба да одржи состанок со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на кој, како што кажа, ќе разговараат за двете теми: трасата и начинот на финансирање на проектот.
Во последната изјава во врска со вториот дел на жичницата, Томовски рече дека ќе почне да се реализира напролет.
Според градските власти, овој проект ќе се реализира преку Службата за општи и заеднички работи при Владата и Министерството за транспорт.
– Овој проект ќе стане реалност. Тој е предвиден во програмата на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, но засилени активности се очекуваат напролет – велат од Град Скопје.
Инаку, првично, како што најавуваше Томовски, идејата била да се направи подземен паркинг спроти „Нова Македонија“ и со тоа да се добијат паркинг, зеленило и трансфер со минибус.
Идејата, според Томовски, била со јавно приватно партнерство или со пари од државата да се направи подземен паркинг кај паркингот на Цветниот пазар, а постојниот паркинг да стане зеленило. Воедно, да се обезбедат еден или два минибуса што ќе сообраќаат од „Нова Македонија“ до почетокот на жичницата кај црквата „Свети Јован“ и секој оној што ќе има намера да оди со жичницата, ќе може да се паркира на подземниот паркинг, кој би чинел 30 наместо 100 денари, да се качи на жичницата и на Средно Водно да има уште еден минибус што би гравитирал: Средно Водно, „Македонско село“, Пантелејмон, со што би заживеале и манастирот и комплексот „Македонско село“.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинеше 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП-кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
(А. П.)












