ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НАЈАВИ СТАРТ НА НОВИ ПРОТОКОЛИ ЗА ВЛЕЗ ВО ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ |
Наместо претходно најавувани 7 евра македонски државјани почнувајќи од 12 октомври 2026 година ќе мора да плаќаат и по 20 евра за своите патувања во некоја од земјите на ЕУ. Ова ќе биде резултат на нови протоколи содржани во Европскиот систем за информации и авторизација за патување (ETIAS) кои ќе станат задолжителни за влез во ЕУ за државјани на земји кои се ослободени од визна обврска, а меѓу кои е и Македонија. Овој систем е дел од новата ИТ архитектура на ЕУ, дизајниран да ја зајакне безбедноста во Унијата, истовремено олеснувајќи го патувањето за граѓаните од земји што не се членки на ЕУ.
Според објаснувањето на Европската комисија, зголемувањето на цената од 7 на 20 евра се должи најмногу на зголемената инфлација од 2018 година кога првично беше утврдена таксата и на дополнителни оперативни трошоци поврзани со новите технички функционалности на системот. Дозволата, инаку, ќе важи три години од датумот на издавање.
За да се аплицира за ETIAS дозвола, потребни се: Важечки патен документ што нема да истече во наредните три месеци и не е постар од 10 години, платежна картичка за плаќање на таксата од 20 евра како и лични информации кои се пополнуваат во онлајн формуларот.
Од друга страна, од ЕК објаснуваат дека пред воведувањето на ETIAS, од октомври 2025 година ќе се имплементира системот за влез/излез (EES), кој нема да се наплаќа. EES постепено ќе се воведува на надворешните граници на 29 европски земји во период од шест месеци. Европските земји ќе ги воведат различните компоненти на EES во фази, вклучувајќи го и собирањето биометриски податоци како фотографии од лице и отпечатоци од прсти. Одбивањето да се дадат биометриски податоци ќе резултира со одбивање на влезот на територијата на европските земји што го користат EES системот. ETIAS ќе се применува на 63 националности кои моментно патуваат во ЕУ без виза, вклучително и граѓаните на Македонија.