Наместо „љубов во поубав и поевтин хотел“ маж намамен од две жени добил ќотек и бил ограбен

200

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против четири лица – двајца мажи и две жени – поради основано сомнение за сторено кривично дело Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, на 30 октомври четворицата делувале како група и со употреба на физичка сила одзеле 200 илјади денари од едно лице. Настанот се случил во двор на мотел во Скопје.

– Оштетениот најпрво со една од осомничените жени престојувал во мотелска соба, по што таа му предложила да повика уште една девојка. По неговата согласност, ја повикала втората осомничена, а двете жени заедно го убедиле да заминат во „поубав и поевтин хотел“. При излегување од собата, во темниот двор на мотелот, оштетениот бил пресретнат од двајца мажи кои биле во претходен договор со жените. Го нападнале, удирајќи го со боксови по главата и телото, сè додека не паднал на земја. Потоа му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта – информираат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека Јавниот обвинител поднел предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.

– За една од осомничените жени, која е во бегство, мерката притвор ќе се применува по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода – информираат од ОЈО.

ИЗДВОЕНИ