понеделник, февруари 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Наместо да им се даде ветар во грб, земјоделците се сечат од...

Наместо да им се даде ветар во грб, земјоделците се сечат од корен

Намалената буџетска поддршка и ниските откупни цени го ставаат домашното производство на работ на одржливоста. Земјоделците велат дека, со најниски субвенции во регионот, работат без заработка и со загуби. Додека соседите издвојуваат милијарди евра за поддршка, македонските производители добиваат помалку од 100 милиони евра. Оценуваат дека ваквата државна политика може да донесе нов бран поскапување и дополнителен удар врз животниот стандард на граѓаните

67

Со кратењето на субвенциите, наместо да им се даде ветар во грб, земјоделците се сечат од корен. Земјоделците предупредуваат дека намалената буџетска поддршка и ниските откупни цени го загрозуваат домашното производство. Велат дека им се одземаат основните услови за опстанок и дека немаат никаква заработка од земјоделското производство. Порано со една нива од два декари прехранувале цело семејство, а сега не може да ги повратат ни вложените средства. Субвенциите во Македонија се најниски во регионот и наместо од производ, се даваат од површина. За споредба, Србија има над една милијарда евра субвенции, Бугарија 1,6 милијади, Грција 3,5 милијарди, а Македонија помалку од 100 милиони евра.

– Според програмата за директно плаќање за 2026 година, вкупниот буџет за поддршка на земјоделството изнесува 98 милиони евра, од кои 42 милиони евра се за намирување на заостанати обврски од 2020 до 2025 година. Тоа значи дека остануваат само 56 милиони евра за поддршка на земјоделството. За десет години имаме зголемување на вкупниот буџет за 300 отсто, а земјоделските субвенции не само што не се зголемени туку имаат и намалување. Така, во 2015 година сме имале 100 милиони евра субвенции, односно 4 отсто од буџетот, а во 2026 имаме 98 милиони евра, односно 1,7 отсто од државниот буџет. Ако ги тргнеме тие 42 милиони евра долг, останува помалку од 1 отсто од буџетот за земјоделски субвенции – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Од друга страна, во 2015 година сме имале 500 милиони евра увоз на храна, а сега имаме 1,2 милијарди евра увоз.

– Земјоделските производи од земјите од регионот ни влегуваат по дампинг цени поради големите стимулативни мерки што ги даваат соседните земји. Така, на пример, соседна Србија има над една милијарда евра субвенции и нејзините производи се поконкурентни од нашите како на домашниот така и на надворешните пазари и повеќе се купуваат – појаснува Каракашев.

И Тони Максимов, оризопроизводител од Кочани и член на Здружението, вели дека субвенциите кај нас треба да се даваат за килограм, како во соседните земји, за да може да се стимулираат земјоделците да произведуваат повеќе.

– Српските и албанските производи се поконкурентни од нашите затоа што се субвенционираат од килограм и имаат поголемо производство. Така, на пример, ние произведуваме 500-600 килограми ориз од хектар, а соседните земји над 800 килограми од хектар. Треба да се смени начинот на субвенционирање и да им се даде на земјоделците ветар во грб, а не да се сечат од корен. Со сегашниот начин на субвенционирање, се помагаат само големите земјоделци – изјави за Максимов весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека друг проблем е производствената цена, која кај оризот е 25 денари, а се откупува по 18 до 20 денари.

– Значи, наместо да се стимулира, на овој начин се дестимулира домашното производство и секој индивидуален земјоделец работи со загуба. Во услови кога нема гарантирани цени и гарантиран откуп, најмногу печалат трговците. За разлика откај нас, Европската Унија ги стимулира малите земјоделци и извојува 33 отсто од буџетот за нивна поддршка – додава Максимов.

Оценуваат дека ова може да донесе нов бран поскапување и дополнителен удар врз животниот стандард на граѓаните. Земјоделците не ја исклучуваат ни можноста за блокади и штрајкови, предупредувајќи дека со ваквите политики се загрозува опстанокот на илјадници семејства што живеат од обработка на земјата и од производство на храна.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ