петок, февруари 27, 2026
Дома СКОПСКА Наместо да ги искараат, родители поддржуваат деца качени на оградата на живеалиште

Наместо да ги искараат, родители поддржуваат деца качени на оградата на живеалиште

2581

Непријатна случка викендов имало во Скопската зоолошка градина поради непримерно однесување на деца – посетители кои биле качени на оградата на едно од живеалиштата.

Тогаш им приоѓа негувателот Војо Иванов, кој со видео го има документирано тоа и ги предупредува да слезат од оградата. Наместо да ги искараат и да им кажат на своите деца да не го прават тоа, родителите мирно ги поддржуваат и му се спротивставуваат на негувателот.

– Господо! Господо, долу! Долу, господо – вели Иванов, по што еден од присутните родители му возвраќа: „Полека бе, полека“. Кога негувателот укажува дека „децата ви се горе“, родителот одговара: „Ако де, што има врска? Да не се внатре?“

Дијалогот продолжува со инсистирање на Иванов дека мора да слезат од оградата, на што родителот реплицира: „Однесувај се малку покултурно“.

– Јас култура, а вие сте на ограда? – му враќа негувателот, а родителот пак возвраќа: „Ако, мое право“.

Под самото видео, Иванов напишал коментар: „Ризик јак, недела со гостите“, додека во реакциите на јавноста доминираа критики за недоличното однесување на посетителите.

Многумина истакнуваат дека стоењето на оградата е опасно и доколку некое дете падне во живеалиштето, вработените во зоолошката ќе бидат одговорни. Други велат дека кога сме во институција, на јавен простор или каде било, а не кај нас дома, треба да ги почитуваме правилата. Трети, пак, му даваат комплименти на Војо за неговата смиреност и за начинот на кој се справи со ситуацијата.

ИЗДВОЕНИ