Македонската кошаркарска федерација пред неколку дена се пофали дека успеала да го натурализира Американецот Нејт Сестина (28), кој во иднина ќе ги брани боите на нашата репрезентација, а денес, од Италија пристигна информација дека играчот на Олимпија Милано се здобил со скршеница на раката, поради која ќе отсуствува подолг период.

Сестина со сигурност нема да биде на теренот до крајот на годината, а прашање е дали ќе се врати за време на вториот ФИБА-прозорец, кога Македонија ќе одигра два меча, првиот против Луксембург дома (27 февруари) и вториот против Азербејџан на гости (2 март) во рамки на квалификациите за ЕП. Едно е сигурно, а тоа е дека ќе го пропушти првиот прозорец на ФИБА кој стартува за неколку дена и претквалификациските дуели против Азербејџан дома и Ирска на гости, иако беше на списокот на селекторот Марјан Илиевски.

Неговата повреда ја потврди и легендарниот Еторе Месина, со кого соработува во редовите на италијанскиот гигант.

  • Сестина ќе биде подложен на операција на раката и ќе отсуствува долго време, можеби до три месеци, истакна Месина.

Сестина се приклучи на Олимпија Милано во текот на сезоната откако дојде од Валенсија. Но, неговата повреда донесе и нова главоболка за Месина бидејќи тимот повеќе наликува на болница, отколку на екипа. Повредите на неколкумина кошаркари го ставија тимот во подредена улога во изминатиот период, а не „мириса“ на добро и во иднина.

Инаку, Сестина во 2021 година беше најблиску до НБА-лигата, како играч на Лонг Ајсланд нетс (развојниот тим на Бруклин нетс). Својата професионална кариера во Европа ја започна како играч на Киев баскет во украинската Суперлига, продолжи со израелскиот клуб Хапоел Холон, по што за релативно кратко време се реши за преселба во Турција. Одличните игри го препорачаа во Турк телеком (на средината од 2022 година), а во наредната, 2023 година, следуваше потписот на кариерата, оној со турскиот гигант Фенербахче, што беше негова влезница за Евролигата. Следна станица во неговата евролигашка кариера беше Валенсија, каде што ја одигра ланската сезона и ја почна оваа. Но, пред еден месец, потпиша договор со најтрофејниот италијански тим, Олимпија Милано.

 

ИЗДВОЕНИ