Намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата

18

Во 2024 година просечниот надоместок што трговците го плаќаат за прифаќање картички изнесува 1,1%, забележувајќи намалување од 0,1 п.п. во однос на 2018 година, од кога Народната банка објавува податоци за овој вид надоместоци, при што намалувањето кај одредени сектори е поизразено достигнувајќи 0.7 п.п.

Во истиот период, бројот на трговци коишто прифаќаат дигитални плаќања на продажните места е зголемен за 36% и достигна 16,4 илјади трговци.

Директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи при Народната банка, Игор Величковски вели дека новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата.

Правната рамка веќе отвори простор за појава на нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари, коишто нудат алтернативи за граѓаните и трговците. Се очекува дека дел од овие институции наскоро ќе понудат иновативни решенија во земјава, во согласност со светските трендови во финтек-секторот.

Во контекст на очекувањата за следните 3 до 5 години, Величковски истакна дека финтек-решенијата ќе извршат голема промена.

– Се очекува дека финтек-компаниите ќе понудат дигитални паричници, коишто ќе овозможат побрзи и поевтини трансакции, нови начини на иницирање плаќања преку кодови за брз одговор (QR кодови) и опции за прифаќање плаќања без потреба од традиционалните ПОС-уреди. Овие решенија ќе им овозможат и на малите продавници да влезат во дигиталниот простор, а потрошувачите и компаниите ќе имаат подобра контрола врз своите финансии – рече Величковски.

Тој додаде дека новите решенија, поддржани од концептот на отворено банкарство којшто треба да се примени најдоцна до март 2026 година, ќе придонесат за повеќе иновации и поефикасна малопродажба, приспособена кон дигиталните навики на потрошувачите.

Истовремено, трендот на дигитализација на плаќањата ќе биде зајакнат со вклучувањето на банките во платежните шеми во СЕПА од 6 октомври 2025 година, што ќе донесе побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра за граѓаните и компаниите.

ИЗДВОЕНИ