Во финишот од летниот преоден рок, како гром од ведро небо одекна информацијата дека најтрофејниот македонски фудбалски клуб ги осигурил услугите на репрезентативецот Давид Бабунски. Голем беше бројот на оние што не веруваа во таквата вест, но неколку дена подоцна, офанзивниот играч за врска го облече црвено-црниот дрес. Четата на Гоце Седлоски доби фудбалер што беше дел од славната „ла масија“, кој играше и тренираше покрај најголемиот фудбалер во историјата на Барселона, Лионел Меси, кој стекна искуство со играњето во Јапонија и во Унгарија. Давид имаше одлична полусезона, во која е освоена есенската титула, а во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР откри дали ќе остане во Скопје, кој тим ќе биде ривал во борбата за шампионскиот трофеј, дали има Македонија шанси против Данска и како е да се биде трениран од Пеп Гвардиола и од Луис Енрике.
Колку си лично задоволен од прикажаното во првиот дел од сезоната и од резултатите што ги постигна твојот клуб?
– Јас сум задоволен затоа што дојдов во еден клуб што веќе беше навикнат да победува, што победуваше во вториот дел од изминатата сезона, а го освои и Купот на Македонија. Зборуваме за тим што може да се пофали со серија од 20 победи по ред и затоа, за мене, беше чест, гордост и задоволство некако да се приклучам на една таква екипа со победнички менталитет, кој на некој начин ми одговара за да придонесам со мојот дел. Мислам дека сме на добар пат, добро работиме, а резултатите се еден вид награда за нашата напорна работа, но ништо не е готово, има уште да се игра, нема да ни биде лесно до крај. Зад нас има екипи што, исто така, имаат желба да победуваат, да се докажуваат, да се борат за титулата, но нашата цел е јасна. Нормално, има работи што можеме подобро да ги сработиме за да бидеме уште поквалитетни. Среќен сум во Вардар и едвај чекам да почне вториот дел од сезоната.
Кој клуб ќе му биде најголем ривал на Вардар во борбата за титулата?
– Оваа сезона покажа дека Струга и Шкендија се најголеми конкуренти, тоа го покажува и табелата, не се многу зад нас и очекувам да бидат конкурентни до крајот на сезоната. Убеден сум дека и другите клубови ќе направат промени во текот на паузата, ќе го подобрат ростерот со играчи и можно е да има некое изненадување како што има во која било лига. Ние треба да се фокусираме на нашата игра, да продолжиме во победничкиот ритам, да не дозволиме да мислиме дека е готово сè, затоа што е најтешко кога си на првата позиција, треба да ги зачуваш тоа место и тој континуитет.

Си играл во Шпанија, Јапонија, Унгарија и затоа дали можеш да направиш споредба кога е квалитетот на фудбалот во Македонија во прашање?
– Искрено, јас сум позитивно изненаден и воодушевен од мојот тим, од тоа што го видов кога заиграв во дресот на Вардар. Изненаден сум од начинот на кој се тренира, од интензитетот што го внесува тренерот во екипата, сè е на едно врвно ниво кога ќе направам споредба со сите други екипи или лиги во кои сум бил. Во Вардар се работи на едно европско или елитно ниво, но условите што ги имаме не се исти со оние што ги имаат другите европски клубови. Јас секогаш сум верувал дека има на Балканот и во Македонија голем број таленти и квалитет, но секогаш проблем кај нас биле условите, колку дозволуваат тие младите играчи да го покажат својот талент. Прво и основно, ние имаме проблем со терените, со инфраструктурата, затоа 70 % од грешките што се прават на секој натпревар се поради лошите терени. Ако се реши тој проблем, секоја екипа и секој играч ќе има голем чекор напред кога е квалитетот во прашање. Терените треба да ни бидат приоритет, така размислуваат и другите држави на Балканот, затоа што само така ќе се подобри квалитетот на лигата. Има талент, има желба за фудбал, Македонија е фудбалска земја и само треба да ги подобриме условите за игра.
Дали со подобар квалитет на лигата ќе има повеќе домашни фудбалери во националниот тим?
– Фудбалот е толку развиен секаде во светот, гледаме колку напреднаа државите како Малта и Фарски Острови во споредба со натпреварите што ги игравме против нив пред пет-шест години, како ги трансформираа своите репрезентации. Се гледа дека зад сето тоа има проширување на фудбалското знаење на секој дел од светот. Фудбалскиот пазар денес е максимално отворен, ти дава шанса да играш и во Азија, Австралија, Европа, Африка, буквално секаде, а ако се применат тие тактички стандарди, секој клуб, без разлика од каде е, ќе може да игра квалитетно цел натпревар. Нормално, ако ги подобриме условите во нашата лига, домашните играчи ќе имаат поголема мотивација, ќе може да се развиваат, да напредуваат и да се надеваат на повик во репрезентацијата. Подобро е да се имаат повеќе опции на располагање, да конкурираат и фудбалерите од домашниот шампионат, да ги промовираме на големата сцена. Во странство има правила секоја држава да ги заштитува домашните фудбалери, во националниот тим да има одреден број фудбалери од домашниот шампионат. Така беше кога играв во Јапонија, во Унгарија и затоа сум убеден дека ќе биде добро тоа и за Македонија и за да има селекторот што е можно поголем број домашни фудбалери, покрај оние што играат во поквалитетни лиги.

Данска беше посакуван или непосакуван противник во баражот за СП 2026?
– Ова е единствена и многу убава шанса за нашиот фудбал и за македонската историја. Со самиот пласман во баражот, ние постигнавме успех, но нашиот сон е да продолжиме понатаму и затоа ќе дадеме сè од себе во баражот. Кога станува збор за вакви натпревари, кој било да е противник, ќе биде тешко, а предноста ја гледам во тоа што се игра еден дуел, сè може да се случи. Имаме многу такви примери, имаме лично искуство со Италија, а за Македонија, која е помала земја, кој било противник е силен противник. Ние веруваме дека е можно сè, дека го имаме потребниот квалитет за да приредиме нешто неочекувано. Играњето дома е предност, но нам така ни се поклопија коцките – да играме во Данска и затоа гледаме да го извлечеме максимумот.
Во Вардар до крајот на договорот или ќе има нова дестинација?
– Уште еднаш ќе кажам, среќен сум во Вардар, среќен сум што сум дел од овој проект, има некаква визија, некоја насока во која се работи и се има желба да се врати Вардар на највисокото место, затоа што го заслужува тоа како клуб. Фокусиран сум само на овој проект, гледам како можам да помогнам, да дадам придонес во клубот. Искрено, сфатив колку е непредвидлив фудбалскиот свет, не знаеш што може да се случи за шест месеци, за една година, за три години. Сега сакам само да се фокусиран на Вардар, да играм во Македонија, моментално не размислувам за ништо друго, не знаеме кои врати може да се отворат.
Кој клуб може годинава да биде изненадување на европската сцена?
– Јас сум секогаш за Барселона, редовно ги следам нејзините натпревари заедно со моите синови, дискутираме затоа што тоа е мојот клуб, каде што израснав. Ми се допаѓаат тимовите што играат сличен фудбал како Барса, па така имаме симпатии кон Манчестер сити, поради Пеп Гвардиола. Интересно, тренерите на клубовите што моментално се лидери во неколку лиги биле под влијание или учеле од Пеп Гвардиола: Артета со Арсенал, Луис Енрике со ПСЖ и Винсент Компани со Баерн (М). ПСЖ има одличен тим, уживам кога го гледам, уживам во работата на Луис Енрике, кој ми беше тренер и мене. Сум соработувал со многу познати тренери, но најмногу ми се допаѓа филозофијата на Гвардиола. Првиот мој тренинг со првиот тим на Барселона беше со Гвардиола и веднаш ја почувствував љубовта со која тој ги доживува професијата и фудбалската игра, преку неговите зборови. Пеп со невидени страст и љубов зборува и за најмалиот детаљ околу играта и на тој начин ги проширува визијата и разбирањето за играта. Заедно со Луис Енрике се големи мотиватори, разговорите со нив, во соблекувалната пред или по натпреварот, ти оставаат голем впечаток. За мене, големо е искуството што имам добиено личен пример од голем тренер.
Гвардиола и Енрике имаат слична филозофија во работата?
– Во работата, да, Луис Енрике, можеби, е малку поинтензивен, малку повеќе насочен кон физичкиот дел – да биде на највисоко ниво, во споредба со Гвадиола, кој сака да ја контролира играта преку поседување на топката, повеќе додавања…
Какво е чувството да влезеш во соблекувална и да биде опкружен со големи ѕвезди?
– Првиот пат кога влегуваш, сакаш да впиеш што е можно повеќе, да видиш како се однесуваат сите тие големи фудбалери, што прават, но тие се толку добри луѓе, ги знаеја нашите имиња затоа што е цврста врската меѓу првиот и младинскиот тим. Фудбалерите од првиот тим редовно ги следеа на клупската телевизија натпреварите од младинските категории и затоа нè знаеја кога влеговме во соблекувалната. Тоа е големо олеснување и откако неколку пати ќе тренираш со нив, сè ти станува нормално, затоа што начинот на тренирање е ист од најмалата до најголемата категорија, тоа е таа филозофија на Барселона.
Затоа што си тренирал со Меси, можеби, ќе ни откриеш дали може Ламин Јамал да биде негов наследник.
– Мислам дека Меси е најдобриот фудбалер во историјата. Тоа ми стана многу јасно во текот на тренинзите, кога видов што може, а не само тоа што се гледа на телевизија. Од друга страна, Јамал има добар почеток на кариерата и тоа што го постигнува на овие години е нешто неверојатно. Ретки се таквите фудбалери, тие се генерациски, нема потреба од никакви споредби и тој самиот кажа дека сака да изгради сопствена кариера, свое име, свои успеси, иако ние, како обожаватели, секогаш сакаме да правиме некакви споредби. Тоа што го постигнаа Меси и Роналдо е нешто ретко, но може да се повтори, затоа што денес, како што се развива фудбалот, има сè повеќе млади фудбалери на 16 или на 17 години што играат во најквалитетните европски клубови и лиги. Алатките што се достапни денеска се од голема помош за секој клуб, со помош на нив можеш да видиш како тренираат Барселона, Ливерпул, Манчестер сити и затоа и оној што има 16-17 години, на теренот се однесува како да има 30 години.
Совет за младите фудбалери од Давид Бабунски.
– Најважна е љубовта кон спортот и кон фудбалот, доколку ја имаш, треба да оставиш таа да те води, што повеќе време да поминуваш со топката, да тренираш, да напредуваш и фокусот да ти биде да станеш најдобрата можна верзија што можеш да бидеш. Да се запознаеш самиот себе како играч, да дознаеш кои се твоите посилни страни, а кои послаби, да работиш на нив за да станеш што е можно покомплетен фудбалер. Мора да се запознаеш со стандардите што се очекуваат во кој било клуб на таа позиција и да пробаш да дојдеш до некое ниво со кое ги исполнуваш тие стандарди.
За крај, дали имаш новогодишна желба?
– Имам желба да ја освоиме двојната круна на домашната клупска сцена, а понатаму да се обидеме да обезбедиме пласман во некое европско клупско натпреварување. Нормално, со репрезентацијата да обезбедиме пласман на СП 2026. (М. С.)












