Центарот на Оклахома и поранешен кошаркар на Денвер, Ајзеа Хартенштајн, отворено зборуваше за своето искуство играјќи со и против еден од најдобрите играчи во НБА-лигата, Србинот Никола Јокиќ.

Гостувајќи во поткастот на Пол Џорџ, Хартенштајн се потсети колку влијаел српскиот ас на неговиот развој, но и колку голем предизвик бил за тимовите.

  • Единствената серија во која бевме навистина на работ на финале беше против Денвер. Поради Јокиќ, поради начинот на кој играат. Тие поминаа низ сè. Знаевме тогаш: дури и ако направиме сè како што треба, тие, сепак, може да нè победат. Во сите други серии верувавме дека ако играме како што треба, ќе победиме – порача Хартенштајн за тоа колку е тешко да се игра против српскиот ас.

Германецот важи за доста квалитетен центар во НБА-лигата, но во минатото не беше баш така, пред сè поради тоа што ја делеше позицијата со робусниот Србин. Во сезоната 2020/2021 го носеше дресот на Нагетс, поради што ја доведе својата иднина во лигата во прашање.

  • Дури кога бев во Денвер, се прашував дали ќе преживеам во НБА. За секој што доаѓа како замена за Јокиќ, тоа е, веројатно, најтешката работа на светот. Играш десет минути и што и да правиш, не е доволно добро како кога го прави Јокиќ тоа. Тоа беше најтешкото за мене. Подоцна работев на мојата ментална сила и сè си дојде на свое место – искрено призна Ајзеа.

Сепак, времето поминато со Никола Јокиќ остави голем белег на неговиот кошаркарски развој.

  • Научив да додавам. Бев добар во тоа порано, но тие детали – како ги насочува Јокиќ играчите со своите очи – ме одведоа на повисоко ниво. Почнав поинаку да гледам на кошарката. Тој е толку паметен, неговата интелигенција е надвор од сите граници. Кога игравме во плејофот, тој беше како тренер – им кажуваше на луѓето каде да одат, што да прават – заклучи Хартенштајн.

ИЗДВОЕНИ