Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, првиот и најстар во светот посветен на креативноста на кинематограферите, најави дека своето 47. издание ќе го одржи од 19 до 25 септември, во Битолa.
На 47. ИФФК „Браќа Манаки“ во текот на седум дена, велат оттаму, посетителите ќе можат да очекуваат исклучителен избор на играни, документарни, кратки и студентски филмови кои пленат, инспирираат и предизвикуваат, а ќе има и многу незаборавни дружења со реномираните светски кинематографери и разговори за седмата уметност.
Потсетуваат дека од своето основање во 1979 година, овој фестивал сведочи за уметноста на кинематографијата, славејќи ги пионерите на филмската камера од Балканот, Јанаки (1878 – 1954) и Милтон (1880 – 1964) Манаки.
Покрај извонредните пет натпреварувачки програми, фестивалот се гордее со својот Клуб на великаните.
– Низ годините, плејада кинематографери од светски глас беа добитници на престижните награди. Лауреатите на Манаки се врвни мајстори на филмската фотографија, чии епохални остварувања ја разбранувале филмската индустрија. И годинава ќе бидат доделени наградите: Златна камера 300, Сребрена камера 300, Бронзена камера 300, Железна камера 300, Мала камера 300 и Кристална камера 300, како и почесните награди: Златна камера 300 за животно дело во кинематографијата, Специјална Златна камера 300 за извонреден придонес во светската кинематографија, Златна камера 300 за креативна синергија и Голема ѕвезда на македонскиот филм што ја доделува ДФРМ, додаваат од фестивалот.












