Најстарата мачка во светот го прославува својот 30-ти роденден/видео

118
Фото:принстскрин, видео

Мачката Флоси, носителка на Гинисовата книга на рекорди од Обединетото Кралство, неодамна го прослави својот 30-ти роденден, дополнително зацврстувајќи го својот статус како најстара жива мачка во светот.

Таа е родена на 29 декември 1995 година. Оваа британска кратковлакнеста мачка го започнала својот живот во дива колонија во близина на болницата „Сент Хеленс“ во Мерсисајд, каде што била спасена како маче.

Таа го поставила својот прв светски рекорд во 2022 година, кога официјално била прогласена за најстара мачка на 26 години и 316 дена, што е еквивалентно на 120 човечки години.

Нејзината сегашна сопственичка, Вики Грин од Орфингтон, ја посвоила во поодмината возраст преку британската добротворна организација „Заштита на мачки“, откако нејзините претходни сопственици починале.

„Од самиот почеток знаев дека Флоси е посебна мачка, но никогаш не замислував дека ќе делам дом со носител на светски рекорд. Отсекогаш сакав да им овозможам на постарите мачки удобен подоцнежен живот. Исклучително сум горд што Cats Protection ме поврза со толку неверојатна мачка“, рече Грин, пренесува Index.hr.

Иако Флоси е глува и има слаб вид, што се вообичаени заболувања за нејзина возраст, таа е инаку во добра здравствена состојба.

Според нејзината сопственичка, таа е сè уште „нежна и разиграна“.

Иако точниот рецепт за долговечност е непознат, организацијата Cats Protection наведува дека Флоси отсекогаш имала конзистентна дневна рутина што вклучува нежна игра, редовни оброци и долги периоди на спиење.

И покрај нејзината импресивна возраст, Флоси сè уште не е најстарата мачка што некогаш живеела. Таа титула ѝ припаѓа на Крим Паф, мешана мачка од Остин, Тексас, која е родена на 3 август 1967 година и живеела до 6 август 2005 година – неверојатни 38 години и три дена.

ИЗДВОЕНИ