Цените на становите и кај нас, но и во регионот, и натаму растат, а до каде ќе биде плафонот, никој не знае. Весникот ВЕЧЕР направи анализа колкави се цените на становите во петте најголеми града во регионот: Софија, Белград, Солун, Тирана и Скопје и заклучокот е дека во главниот град на Србија е најскапиот продаден станбен квадрат – 9.805 евра/м2, а во предградието на Тирана е најевтиниот – 238 евра/м2.

БЕЛГРАД

Рекордните цени за квадратен метар во Србија и оваа година го привлекуваат вниманието на јавноста. Во Белград, просечната цена е околу 3.000/м² во цел град, но во најпрестижните зони (во центарот) може да надмине и 4.000 евра/м². Тамошните експерти за недвижности велат дека, и покрај повремените скокови, особено оние во 2020 и во 2022 година, кога миграцијата предизвикана од пандемијата и од војната во Украина доведе до раст и на изнајмувањето и на купувањето, пазарот денес е многу постабилен. Тие сметаат дека продолжува растот на цените на становите како последица на губењето на вредноста на парите, а не на вистинско зголемување на цената на квадратурата.

Од агенциите за недвижности посочуваат дека предградијата на Белград, кои некогаш беа неинтересни, сега стануваат барани благодарение на новите патишта. Така, во Сурчин, квадратен метар стан чинеше од 1.200 до 1.300 евра, но по изградбата на автопатот цената се зголеми на 1800 до 2.200 евра. Во Нов Белград нема просечна нова зграда под 3.000 евра/м2, некаде оди до 4.000, а, можеби, и до 5.000 околу хотелот „Југославија“. Во Стар Град, просечната цена на квадратен метар во стари згради е 3.629 евра, додека во новите згради, во просек, изнесуваат 3.985 евра. Во Савски Венец, просечната цена во нова зграда е дури 4.610 евра (вклучувајќи го и Белград на Вода), додека во стара зграда чини 3.268 евра. На Врачар, старите згради (3.493 евра), во просек, биле поскапи од новите згради (3.335 евра). Нов Белград: просечната квадратура во старите згради е 2.970 евра, а во новите згради – 3.200 евра. Звездара и Палилула: цените се движат, во просек, помеѓу 2.700 и 2.800 евра, без поголема разлика меѓу видовите градби. Земун: просечната цена е 2.668 евра во старите згради и 2.720 евра во новите згради. Чукарица: во просек, 2.410 евра во старите згради и 2.780 евра во новите згради. На пазарот сè уште има индивидуални недвижности по значително пониски цени – најевтината стара зграда во Белград, во текот на вториот квартал од 2025 година, е продадена за 1.351 евра/м², додека најевтиниот квадратен метар во нова градба е продаден за 983 евра/м², во Вождовац.

СОФИЈА

Цените на становите во Софија продолжуваат да растат, поттикнати од ниската невработеност, недостигот на работна сила и инфлацијата, што доведува до брза девалвација на валутата и до силен притисок врз цените, при што растот на недвижностите го надминува растот на платите, и покрај очекувањата за потенцијални промени по усвојувањето на еврото и глобалната неизвесност.

Просечните цени во бугарскиот главен град се движат од 1.840 до 1.980 евра/м² и се забележливи значителни варијации меѓу центарот и периферијата. Најскапиот квадрат во луксузните станови е во софиската населба Изгрев и е со цени од 5.095 евра/м2, а најевтиниот во населбата Ботунец, со цени од 909 евра/м2. Еднособните станови чинат 120.000 евра (2.500 евра/м2), двособните 180.000 евра (2.600 евра/м2), трисобните 280.000 евра (2.500 евра/м2), гаражите чинат 40.000 евра (1.348 евра/м2), а градежните парцелите се продаваат, во просек, по 250 евра/м2.

Според „Евростат“, Бугарија покажува едно од највисоките зголемувања на цените на недвижностите во Европа во последните 10 години. Главна причина за растот е ниската невработеност. Во Софија речиси и да нема невработеност, што доведува до притисок врз платите и до зголемување на цените на недвижностите, со раст што потенцијално достигнува 23 % годишно. Недостигот на персонал, исто така, го стимулира зголемувањето на платите и на инфлацијата, што влијае на пазарот на недвижности.

ТИРАНА

Цените на становите во Тирана се зголемија со алармантна брзина, наводно тројно. Просечната цена на станбен квадрат во Тирана е 1.800-2.100 евра/м². Во елитните зони достигнува од 2.050 до 2.660, некаде и до 3.000 евра/м², што е приближно со цените во регионот.  Според најновите податоци објавени од „Нумбео“, ако биле потребни 15,3 години за да се купи стан во Тирана, до првата половина на 2025 година индексот на достапност за купување стан се зголемил за околу три години.

Експертите за недвижности кај овој наш сосед прогнозираат дека и натаму ќе има зголемување, а за предградијата на Тирана има најголема побарувачка, затоа што Тирана продолжи со брзиот развој во последните години, трансформирајќи се во метропола со брза стапка на урбанизација. Иако цените на недвижностите значително се зголемија, овој феномен донесе некои важни промени на пазарот на домување, правејќи го животот во главниот град луксуз за многу граѓани.

Интересни се владините политики во Албанија со кои се обврзуваат инвеститорите да ѝ отстапат три проценти од вкупната површина за градење на државата, која, пак, ги дава тие станови на бездомници и на сиромашни семејства. На годишно ниво, станува збор за до 500 стана. Во предградијата на Тирана, цената на становите во новоградбите изнесува од 800 до 1.200 евра/м2, нудејќи можности поединците, особено за младите двојки, да го купат својот прв стан. Но, во постари станови на периферија на Тирана може да се купи стан и по 238 евра/м2.

Тамошните експерти за недвижности предвидуваат дека цените ќе продолжат да се зголемуваат, иако темпото на раст може да биде побавно во центарот на Тирана, каде што цените достигнаа постабилни нивоа. Тирана поминува низ период на брза трансформација и, како што велат експертите, иднината на пазарот на недвижности ќе биде исполнета со можности за оние што сакаат да направат долгорочна инвестиција.

СОЛУН

За Солун е карактеристично што има силна побарувачка, а ограничена понуда на станови за купување. Од агенциите за недвижности потенцираат дека поради недостиг на нови квалитетни станови во централните и во популарните делови на градот, се создава конкуренција меѓу купувачите, што ги тера цените нагоре.

Просечната цена на станбениот квадрат во Солун и предградијата е 2.310/м², само во градската општина Солун, на попопуларните и на централните локации е околу 2.613 евра/м². Во центарот на Солун, цените се највисоки: до 3.000 евра/м² или во најбараните зони (на пример, Лефкос Пиргос, може да достигне и 3.995 евра/м². Во предградијата и на периферија е околу 2.058 евра/м². Поевтини станови може да се најдат во пооддалечените и помалку атрактивни локации, почнувајќи од 1.200 евра/м².

Просечните цени на становите во Солун (и во цела Грција) бележат значителен раст во последните години, со двоцифрен раст и преминување на вредности што се повисоки од претходните историски нивоа. Цените растат затоа што побарувачката е поголема од понудата, инвеститорите (домашни и странски) купуваат станови со цел заработка или престој, инфраструктурните проекти го прават градот уште поисплатлив за купување, а на тоа влијае и силната побарувачка од студентите, изнајмувачите и од младите професионалци.

СКОПЈЕ

Скопје, со просечна цена на станбениот квадрат околу 1.670-1.830 евра/м², е најевтино споредено со другите четири града. Во најатрактивните делови на Скопје (на пример, Центар, Карпош, Аеродром), цените на новоградбите често се движат од 2.400 до 3.000 евра/м² или дури над 3.000 евра/м² во одделни случаи. Сепак, во статистичките просеци за цел град најчесто се изразуваат вредности од околу 1.600-1.800 евра/м², бидејќи вклучуваат и постари станови, кои се поевтини.

Во периферијата (надвор од централните и најскапи општини), цените на становите обично се поунифицирани и пониски отколку во центарот и во елитните зони и се движат од 1.000 до 1.500 евра/м² или малку повеќе за новоградбите со добра инфраструктура. Во примерите за населби со пониски цени спаѓаат Ново Лисиче, Маџари, Влае, Железара, Сарај и околина и Ѓорче Петров (пооддалечени делови). За овие делови, често се гледаат цени под 1.500 евра/м², особено за постари станови или за објекти што не се во нова зграда.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ