Студија на консултантската фирма „Роланд Бергер“ покажала дека над една третина од работните места во јавниот сектор во светот би можеле да бидат во опасност поради развојот на вештачката интелигенција. Анализата е спроведена врз основа на класификацијата на Меѓународната организација на трудот и 450 различни занимања во јавниот сектор и вклучува вкупно 351 милион работни места.
Резултатите покажуваат дека 36 % од вработените во светот би можеле да доживеат длабоки промени поради примената на технологиите за вештачка интелигенција, што ќе влијае на 125 милиони работни места со полно работно време. Во документот се наведува дека 22 % од работните места би можеле да се надградат, што значи дека вештачката интелигенција би презела одредени задачи и на вработените би им биле дадени нови функции. Ова особено се однесува на администрацијата, јавните финансии и на образованието.
Според француската телевизија БФМ, околу 7,5 % од работните места во јавниот сектор би можеле да бидат целосно автоматизирани, а најранливи се вработените во администрацијата или во кол-центрите, каде што задачите се поедноставни и полесни за замена со вештачка интелигенција.