Опсегот на плати на вработените што работат во Македонија се движи од минимални 24.379 денари до просечни 68.000 денари, додека реалните плати во одредени дејности се многу повисоки. „Најутепани“ се општите работници, чија плата се движи од 22.000 до 35.000 денари (просечната плата е 28.000 денари), како и работниците во текстилната и во кожарската индустрија и во конфекцијата, со плати од 24.000 до 38.500 денари, односно во овој сектор просекот на плата изнесува 30.500 денари.
Некогаш најатрактивните за работа – банките и телекомите баеги заостануваат зад државните агенции и комисии. Во банкарството, просечната плата изнесува 50.000 денари, во финансиите и во сметководството – 46.000 денари, исто како и во телекомуникациите, наспроти просечната плата во некои државни институции, која се движи и до 80-90 илјади денари
Опсегот на плати на вработените што работат во Македонија се движи од минималната 24.379 денари до просечните 68.000 денари, додека реалната плата во одредени дејности е многу повисока.
Анализата што ја направи весникот ВЕЧЕР покажува дека значително се разликуваат платите за индивидуалните работни позиции. „Најутепани“ се општите работници, чија плата се движи од 22.000 до 35.000 денари (просечната плата е 28.000 денари), како и работниците во текстилната и во кожарската индустрија и во конфекцијата, со плати од 24.000 до 38.500 денари, односно во овој сектор просекот на плата изнесува 30.500 денари. Во земјоделството и во прехранбената индустрија, секторите што обезбедуваат храна за граѓаните, земаат плата од 25.000 до 53.000 денари или во просек 38.000 денари. Слични плати (од 24.500 до 64.000 денари) примаат и вработените во производствениот сектор, каде што просечното примање е 37.000 денари.
Во трговијата се исплаќаат плати од 25.000 до 54.000 денари или во просек 37.500 денари, а речиси исто се платени и оние што работат во туризмот, гастрономијата и во хотелиерството, со плати што се движат во опсег од 25.000 до 52.000 денари, каде што просечната плата изнесува 36.500 денари.
Во рударството и во металната индустрија, платите се движат од 31.000 до 72.000 денари или таму просекот е 47.000 денари. Во градежништвото и недвижностите се исплаќаат плати од 27.000 до 70.000 денари (просекот е 45.000 денари), во дрвната индустрија платите се во дијапазон од 26.000 до 56.000 денари (просекот е 39.000 денари), а, пак, во водостопанството и во шумарството и животната средина од 25.000 до 71.000 денари (просекот е 39.000 денари).
Со плати многу пониски од државниот просек се и вработените во новинарството и во печатените медиуми. Платите на овие вработени се движат од 27.000 до 54.500 денари (просекот е 40.000 денари).
Од Сојузот на синдикати на Македонија во повеќе наврати посочуваат дека приватниот сектор е главен двигател на македонската економија и на БДП-то и го полни буџетот на државата од кој зема плата и јавниот сектор. Оттаму велат дека без плата од минимум 50 до 60 илјади денари, приватниот сектор не ќе може да го задржи квалификуваниот кадар.
– Ова барање се однесува на сите работодавци од приватниот сектор, особено на оние што се изјаснуваат дека недостига кадар во државата. Ние ќе се бориме да биде усогласен растот на платите со инфлацијата, а не да гледаме кој зема 50, 60, 70 илјади плата. Веќе не треба да се гледа висината на платата, туку што може да се купи за таа плата. Важно е да се зачува куповната моќ на работниците – велат од ССМ.
Платите во јавната администрација и во образованието
Платите во јавната администрација и самоуправа се движат од 27.000 до 70.000 денари (просекот е 44.000 денари), а, пак, на медицинскиот кадар и во социјалната заштита – од 25.000 до 50.000 денари.
Вработените во образованието, науката и во истражувањето примаат плати од 28.500 до 54.000 денари (просекот е 40.000 денари). Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека од 2020 до 2025 година, СОНК кумулативно ги има зголемено платите за околу 70 %.
– Во континуитет се трудиме да ги зголемиме платите во образованието и да дојдеме до нормална висина, каде што просветниот работник нема да стравува како ќе го истера месецот од плата до плата. За професорите во средното образование, основната плата е околу 40.000 денари, додека за основното образование – 38.000 денари. Ова се основите на кои има додатоци за одделенско раководство и други додатоци како минат труд. Овој континуитет ќе продолжи и во следните три години, согласно со спогодбата со Министерството за образование и наука, каде што ќе се зголемат платите кумулативно од 46 до 52 проценти. Во зависност од развојната политика и економија во буџетот, овие проценти може да бидат и повисоки – вели Неделков.
Во првото полугодие од оваа година, Владата ги зголеми платите на вработените во здравството, образованието и во безбедноста. Просветните работници и сите вработени во образованието добија покачување од 12 %. Здравствените работници, медицинските сестри, техничари и административниот персонал за шесте месеци добија покачување на платите од 15 %. Додека, пак, матичните лекари и гинеколози добија покачување на капититацискиот бод од 33 %, а стоматолозите од 22 %. Службените лица во МВР што се грижат за безбедноста и сигурноста на граѓаните и на државата, добија покачување на платите од 10 %. За ова зголемување на платите на 12.000 полицајци, од буџетот се обезбедени 800 милиони денари.
– Зголемувањето на платите продолжува, до крајот на мандатот на оваа Влада, во здравството и во образованието предвидено е да се зголемат за 46, односно 50 проценти. Ова е резултат на домаќински структурираниот и осмислен буџет и на доброто работење на Владата – потенцираа од Владата.
Државни агенции и комисии со „жешки“ плати
Иако работното место во државната администрација отсекогаш било доста привлечно поради сигурноста што ја нуди, просечните плати за работа на „државните јасли“, за волја на вистината, не биле нешто особено високи во изминативе години, освен во неколку „богати“ државни компании, претежно од секторот енергетика или, пак, во агенции како Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), позната во јавноста по натпросечно високите плати.
Последниве години имаше тенденција доста вработени да си заминуваат од државниот сектор, преминувајќи во приватниот за подобри плати, но тоа беа професионалци, претежно од струките за кои има дефицит од кадар, како информатичкиот сектор, каде што просечната плата изнесува 77.500 денари и каде што има примања од 124.000 денари, па и повеќе.
Некогаш најатрактивните за работа – банките и телекомите баеги заостануваат зад државните агенции и комисии. Во банкарството, просечната плата изнесува 50.000 денари, во финансиите и во сметководството е 46.000 денари, исто како и во телекомуникациите, наспроти просечните плати во некои државни институции, кои се движат и до 80-90 илјади денари. Води новото Министерство за енергетика, каде што планираната плата за оваа година изнесува просечни 105 илјади денари.
Просечната исплатена нето-плата по вработен во јуни изнесуваше 45.468 денари
Во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен беше повисока за 8,4 %. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: образование за 14,7 %, дејности од здравствената и социјалната заштита за 12,7 % и рударство и вадење камен за 12,2 %.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување за 7,5 %, трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 4,3 % и транспорт и складирање за 2,1 %.
(С. Бл.)