Европското првенство во ракомет заврши, Данците се искачија на тронот, Германците беа втори, а Хрватска заврши трета. Матијас Гидсел ги помести границите на спортот, но тоа не значи дека е милионер.
За разлика од фудбалот, кошарката или тенисот, приходите во ракометот сè уште се многу помали, на пример, Матијас Гидсел во Фихсе од Берлин има плата од 50.000 евра месечно. Всушност, со заминувањето на Микел Хансен и на Никола Карабатиќ, буџетот за најголемите ракометни ѕвезди беше намален, а во моментов најплатениот ракометар во светот е од Балканот.
Станува збор за Црногорецот Владан Липовина, долгогодишен член на црногорската репрезентација. Додека Карабатиќ и Хансен знаеја дека можат да постигнат договор вреден 2.000.000 евра годишно, сега поранешниот дефанзивец на Магдебург добива 800.000 евра нето од сезона, со заминувањето во Кувајт.
Искусниот десен бек од Цетиње ја освои Лигата на шампионите со Магдебург во 2023 година, а потоа се пресели на исток. Тој играше за Ловќен, Куенка, Металург, Веклар, Ал Наср, Хитенберг, Рајн-Некар Левен, Белинген пред да замине во Кадисија, Ал Араби и сега во Кувајт, каде што стана најплатен во светот.
Норвежанецот Сандер Сагосен, кој продолжи да ги брка рекордите на Хансен и на Карабатиќ во Колштад, добива околу 1.500.000 евра бруто, но поради даноците во Норвешка, повеќе од половина од неговата плата оди за тоа, Дика Мем има околу 1.000.000 евра бруто во Барса, што е приближно исто колку Матијас Гидсел и Андреас Волф.












