Социјалните и видео мрежите ги надминаа телевизијата и новинските веб-страници како главен извор на вести во Соединетите Американски Држави, покажа најновото истражување на Институтот за проучување на новинарството на „Ројтерс“, пренесе „Танјуг“.
Според извештајот, 54 проценти од испитаниците изјавиле дека најчесто ги следат вестите преку платформи како што се „Фејсбук“, „Јутјуб“ и мрежата „X“, додека 50 проценти користат телевизија, а 48 проценти користат новински веб-страници и апликации.
Авторите на извештајот истакнуваат дека растот на потрошувачката на вести преку социјалните медиуми и онлајн личностите се случува побрзо и поинтензивно во САД отколку во другите земји. Пример е подкастерот Џо Роган, чии вести и коментари ги виделе 22 проценти од испитаниците во изминатата недела, пишува „Би-Би-Си“.
Исто така, се предупредува на трендот дека политичарите сè повеќе ги заобиколуваат традиционалните медиуми во корист на пријателски настроени влијателни лица и партиски канали, кои ретко поставуваат незгодни прашања и често придонесуваат за ширење на дезинформации.
Околу 47 проценти од испитаниците изјавиле дека инфлуенсерите и онлајн личностите се идентификувани како главен извор на лажни или погрешни информации.
Употребата на мрежата „X“ за вести се зголеми во САД, особено кај младите мажи со конзервативни ставови, откако Елон Маск ја презеде компанијата во 2022 година.
Во тој период, бројот на корисници кои се идентификуваат како десничари во САД се зголемил тројно, додека во Велика Британија речиси се дуплирал.
„ТикТок“ се издвои како најбрзо растечка платформа за вести – ја користат 17 проценти од испитаниците ширум светот, што е зголемување од четири процентни поени во споредба со минатата година.
Анкетата, исто така, покажа зголемување на употребата на вештачка интелигенција за консумирање вести, особено кај оние под 25 години, но повеќето испитаници веруваат дека вештачката интелигенција ќе влијае негативно на точноста и веродостојноста на информациите.
И покрај сè, довербата во традиционалните медиумски брендови останува присутна, иако помладите генерации ги консумираат поретко и сè уште ги сметаат за најдоверливи.
Во анкетата, која се спроведува 14-та година по ред, учествувале речиси 100.000 луѓе од 48 земји.