Македонските граѓани кои купуваат преку интернет најчесто нарачуваат облека и плаќаат интернет и мобилни услуги, додека интересот за храна, електроника и апарати за домаќинство останува низок. Ова го покажува најновиот преглед на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијација за е-трговија, во кој се прави споредба со податоците на Евростат за првото тримесечје од 2024 година.
Според анализата, 63,2% од интернет-корисниците во земјава купуваат онлајн, што ја позиционира државата подобро од повеќето земји од регионот, со исклучок на Србија (65%). Сепак, Македонија останува под европскиот просек од 76,6%. Дури 74% од онлајн-купувачите нарачале облека, обувки и модни додатоци, што ја прави модата убедливо најдоминантна категорија и ја става земјата над европскиот просек во оваа област. Наспроти тоа, само 7,7% нарачуваат лекови или додатоци во исхраната, во споредба со 48,3% во Шведска и 36,6% во Грција.
Онлајн-купувањето електроника и апарати за домаќинство е особено ниско – само 2,3%, додека храна и пијалаци купуваат 7,6% од интернет-купувачите. Спортска опрема купиле 25,3%, козметика и велнес-производи 21,8%, мебел и домашни производи 12,4%, компјутери, таблети и мобилни телефони 11,4%, а детски играчки и производи за нега на деца 9,1%. Ниска останува застапеноста и кај средствата за чистење и лична хигиена (7,9%).
Во делот на услугите, 44,1% од онлајн-купувачите платиле интернет или мобилни услуги преку интернет, речиси двојно повеќе од европскиот просек од 22,4%. Дополнително, 33,7% платиле комунални услуги (наспроти 13,2% во Европа), 18,3% резервирале транспорт, а 15,5% направиле хотелски резервации. Платените дигитални содржини се слабо застапени, со само 1,4% претплати за музички стриминг.
Анализата укажува дека македонските интернет-купувачи доминантно се ориентирани кон мода и плаќање услуги, додека купувањето производи од секојдневна потрошувачка и техничка стока сè уште има значителен простор за раст.
(С.Бл.)












