Најмасовни изборни битки ќе се водат Прилеп, Скопје, Струга, Битола…: Гласачките ливчиња не донесоа многу имиња, но ќе донесат „втор круг“

204

Од десетина до петнаесетина имиња најверојатно ќе содржат гласачките ливчиња со најголем број кандидати во некои општини на претстојните октомвриски избори. Во некои, пак, можно е ливчињата да имаат само две-три имиња. Ваква различност ќе произлезе од бројот на независните кандидати во тие општини, а чие завршно пријавување покажало дека во некои општини има повеќе, а во некои помалку заинтересирани непартиски кандидати. Кога на нивните вкупни бројки ќе се додадат партиските кандидати за кои има рок за пријавување до 13 септември, тогаш тоа значи дека различни ќе бидат и должините на гласачките ливчиња, но и дилемите на гласачите. Истовремено, ова ќе внесе и дилеми и калкулации околу тоа дали во некои општини градоначалниците ќе можат да бидат избрани веќе во првиот круг на гласањето на 19 октомври или, пак, ќе треба да оди на повторно гласање за две недели?

ДИК вчера соопшти дека вкупно 69 граѓани собрале потписи за учество во градоначалничките трки во 38 општини, како и 68 листи за 34 општини се пријавиле во ДИК. Тоа значи дека во земјава, која има вкупно 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локална самоуправа, во повеќе од половина општини нема да има вонпартиски кандидати. Односно, на ливчињата ќе се најдат само партиски претставници од по две најголеми коалиции во македонскиот и во албанскиот политички блок во земјава, можеби придружувани од по уште некој кандидат од помали партии во земјава.

Но веќе сега е извесно дека, на пример, во Прилеп ќе има многу кандидати. До истекот на завчерашниот рок за собирање на по два потписа таму намера за учество во градоначалничката трка открија вкупно седум кандидати – Павлинче Матеска, Љупчо Дунимаглоски, Рубин Најдоски, Борче Чупетрески, Ѓорѓија Игески, Злата Рапешоска и Иле Бачанов. Во Скопје, пак, како независни кандидати за градоначалник се пријавиле шестмина Ване Цеков, Сашо Маневски, Драган Николовски, Горан Марковски, Сашо Панговски и Демир Исмаил. Со шест досега пријавени партиски кандидати тоа значи дека на ливчето ќе има најмалку дванаесет претенденти. По пет кандидати се пријавија во Македонски Брод Виолета П. Смилевски, Ивица Аврамовски, Николина Велјановска, Ненад Митревски и Марјан Алампиоски, во Струга Менди Ќира, Бесник Асани, Насто Палијоски, Мирко Савески и Игор Малевски, и во Демир Хисар Драган Шулевски, Николче Николовски, Даниел Мреношки, Оливер Ивановски и Марјанче Стојановски. Во Битола, пак, има четири независни Габриела Илиевска, Васко Деловски, Зоран Николовски и Сашо Пивковски…

Сето тоа води кон прашањето дали овие општини во кои ќе има и најголем број кандидати ќе бидат места и за најнеизвесни изборни дуели кои ќе имаат два круга. За политичките аналитичари за очекување е дека во тие општини ќе има два круга на гласање.

Местата за каде почетно беше извесно дека ќе има само два кандидата, или, пак, еден убедлив, и неколку маргинални, со дополнителниот број независни кандидати дефинитивно ќе направат работите да мора да се одлучат во два круга. Во местата како Прилеп, каде има дури 7 независни, истото може да значи многу, но и не мора. Зависи колку од нив ќе повлечат гласови, кои во случај доколку партиските кандидати немаат реална поддршка на терен ќе може да расипат нечиј есап. Или, пак, не направат доколку два кандидати се блиску со поддршката во вториот круг да направат пресврт. Реално, партиска поддршка е битна, но доколку имале лош кандидат, не е пресудна. Од друга страна, независен кандидат на локално ниво може доста да повлече, но прашање е дали може да победи. Барем во градовите, без поддршка од ниту една партија, не паметам дека тоа се случило – вели аналитичарот Александар Ристевски за весникот ВЕЧЕР.

Настрана од ова, големи битки се очекуваат и во оние општини во кои нема многу независни кандидати, какви што се Чаир каде нема кандидати, Центар со еден независен – Билјана Ивановска, Кочани со двајца: Венко Крстевски и Зоран Тодоров,  Гостивар со еден – Висар Адеми, Куманово со двајца – Иван Петковски и Масут Бајрами, Карпош со еден – Невена Георгиевска, Кисела Вода со двајца – Марко Ташков и Кети Сталеска…

– Извесно е дека Чаир ќе биде место на најголемата битка, но и Карпош, Центар, Кочани, Струмица. Потоа дефинитивно Кичево, Тетово, Гостивар. Интересно ќе биде и во Куманово. Исходот на гласањето во некои општини во кои има бројни независни, мислам дека нема да биде толку неизвесен. Самата бројка, по автоматизам и не значи сигурни гласови. Токму поради моментот дека кандидат може да се биде со два гласа – нагласи аналитичарот Ристевски за ВЕЧЕР.

Со околу 56.000 гласови, на локалните избори во 2021 година независните кандидати во Македонија освоија три градоначалнички мандати и 64 советнички места. На изборите во 2017, три градоначалнички места припаднале на независни кандидати, а во 2013, 2009 и 2000 година – по две места. Во 2005, пак, дури седум независни кандидати станале градоначалници. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ