Најмалото дете што примило дрога е под 5 години

57

Министерството за внатрешни работи, на барање на Народниот правобранител, извадило бројка од вкупно 130 деца кои користеле  дрога, за 2023 и половина од 2024 година. Најмалото евидентирано дете во Македонија кое зема дрога, е под 5-годишна возраст, соопшти денеска Васка Бајрамовска-Мустафа, која го раководи Одделот за правата на децата кај Омбудсманот. Според Народниот правобранител состојбата со деца корисници и продавачи на наркотици е загрижувачка.

Од она што правобранителот го презентираше, голема е бројката на сè помалите деца кои земаат дрога (најчесто марихуана, амфетамини, екстази, но и кокаин и хероин), а истовремено Македонија нема ниту една специјална институција за лекување, одвикнување, третман и помош на деца кои консумираат дрога и психотропни супстанции.

„Според податоците добиени од Воспитно-поправниот дом ‘Тетово’ во Волковија, таму на воспитни мерки се и деца и младинци кои се зависници од дрога. Има и такви со хероин на фолија.  Од ВП домот ни одговорија дека практично таму и нема процес на одвикнување. Вработените немаат ни обука за такво нешто. Децата-зависници се ‘одвикнуваат’ во кругот на Домот со спортски активности“, изјави Васка Бајрамовска-Мустафа.

Сè уште нема превенција и рано откривање на деца-корисници на дроги, нема центри за рехабилитација, нема дури ни во Детска клиника, институциите не комуницираат меѓу себе и не водат статистика за децата-зависници, велат од кај правобранителот и според направената анализа за состојбата со децата корисници на дрога во 2023 година најмногу деца кои користат дрога биле Албанци, а во 2024 година Македонци.

ИЗДВОЕНИ