Најмалку 42 мигранти се водат како исчезнати откако гумен чамец се преврте кај Либија

13
Foto: Pexels

Најмалку 42 мигранти се водат како исчезнати и се претпоставува дека се мртви откако гумен чамец се преврте покрај брегот на Либија, соопшти во среда Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Либиските власти спасија седум преживеани кои шест дена пловеа на море откако брод со 49 лица се преврте во близина на нафтеното поле Ал Бури, кое се наоѓа во морето северозападно од либискиот брег.

ИОМ соопшти дека мигрантите биле од Судан, Нигерија, Камерун и Сомалија.

Либија стана главна транзитна рута за мигрантите кои бегаат од конфликти и сиромаштија обидувајќи се да стигнат до Европа преку Средоземното Море по соборувањето на диктаторот Моамер Гадафи во востание поддржано од НАТО во 2011 година.

Според ИОМ, бројот на мигранти кои се удавиле во Медитеранот оваа година веќе надмина 1.000, а најновиот инцидент „дополнително го зголемува“ тој број. Низ Медитеранот, 2.452 смртни случаи на мигранти се регистрирани во 2024 година, според статистиката на организацијата.

ИЗДВОЕНИ