Најмалку 23 повредени во земјотресот со јачина од 7,5 степени во Јапонија

109

Најмалку 23 лица се повредени во земјотрес со јачина од 7,5 степени што го погоди северниот дел на Јапонија во неделата, соопштија јапонските власти.

Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми изјави дека околу 480 жители се засолниле во воздухопловната база Хачинохе по земјотресот, а 18 воени хеликоптери се мобилизирани за да ја проценат штетата, објави јапонскиот јавен радиодифузен сервис НХК.

Јапонската метеоролошка агенција предупреди на можни лизгања на земјиштето како резултат на земјотресот и обилните дождови, особено во североисточната префектура Аомори, како и во префектурите Хокаидо и Ивате.

Метеоролошката агенција, која ја ревидираше јачината на земјотресот од почетните 7,2 на 7,5, предупреди на цунами до три метри по земјотресот, но највисокото цунами регистрирано досега беше околу 70 сантиметри во Ивате.

Предупредувањата за цунами беа во сила за три префектури и околу 90.000 жители.

Владата на префектурата Аомори соопшти дека околу 2.700 домови се без електрична енергија.

Јапонскиот премиер Санае Такаичи ги предупреди жителите на областите погодени од силен земјотрес денес да останат во состојба на готовност уште една недела, бидејќи се можни уште потреси.

Јапонската влада соопшти дека сè уште ја проценува штетата предизвикана од земјотресот со јачина од 7,5 степени, кој го погоди околу 80 километри од североисточниот брег на Јапонија, и цунамито што следеше.

ИЗДВОЕНИ