Со чамци и хеликоптери на Грчка крајбрежна стража денеска се трага по можни преживеани лица по ноќниот судир меѓу патролен брод и глисер со мигранти во близина на островот Хиос, во источниот дел на Егејско Море. Во несреќата загинаа најмалку 15 лица, соопштија грчките власти.
Според официјалните информации, 24 мигранти, меѓу кои и 11 деца, се повредени и префрлени во болница на Хиос. Повредени се и двајца припадници на крајбрежната стража, од кои едниот и понатаму е хоспитализиран. Телата на 11 мажи и три жени биле извлечени од морето веднаш по судирот, додека уште една жена подоцна им подлегнала на повредите во болница.
Според соопштението на грчката крајбрежна стража, нивен патролен чамец доцна синоќа забележал глисер кој се движел кон Хиос без вклучени навигациски светла. И покрај звучните и визуелните сигнали, глисерот не застанал, го сменил правецот и се судрил со патролниот брод, по што се превртел. Не е познато колку лица вкупно имало во глисерот.
Потрагата започнала веднаш по несреќата со четири патролни чамци, два хеликоптера и нуркачи, а денеска продолжи со еден хеликоптер и пет патролни пловила.












