Бројот на луѓе кои бараат медицинска помош во португалскиот регион Леирија поради симптоми поврзани со загадување на водата на плажата Назаре се искачи на 116, соопшти Регионалниот болнички центар Леирија.
До пладне во неделата 72 деца и млади луѓе, како и 44 возрасни, биле примени во болница на лекување, а од вкупниот број пациенти, 70 се жени и 46 се мажи, се вели во соопштението.
„Поголемиот дел од случаите, 62 проценти, се деца и адолесценти“, се вели во соопштението на локалната болница, пренесува Португалската радио и телевизија.
Плажата Назаре беше привремено затворена во петокот откако технички дефект предизвика испуштање отпадни води и непријатен мирис.
Забраната за капење беше укината во саботата навечер, по резултатите од тестовите за квалитет на морската вода.
Општината Назаре објави дека, по инспекцијата спроведена во саботата попладне, морската вода е утврдена како „бистра и транспарентна, без присуство на видлива органска материја“.
Според соопштението од општината, локалните здравствени службеници заклучиле дека, врз основа на резултатите од анализата на водата и намалувањето на бројот на пациенти со гастроинтестинални симптоми, повеќе нема причина за забрана на пливање.
Регионалниот клинички болнички центар Леирија претходно прецизираше дека симптомите на засегнатите лица главно вклучуваат повраќање, гадење и дијареја.