Поранешниот кошаркар на Струмица и своевремено еден од најголемите српски таленти, Немања Бешовиќ (33), пред неколку дена говореше за својата професионална кариера во поткастот на Миле Ивиќ, а воедно истакна какво искуство имал во моментите кога го носеше дресот на македонскиот клуб.
Бешовиќ нема прилично добри спомени кога настапуваше за Струмица, пред околу девет години.
- По повеќе од една година пауза поради повреди, операции и сè останато, започнува моето најлошо искуство во кариерата наречено – Македонија. Во тоа време ниту еден клуб не ме сакаше во своите редови, знаете, повреди, операции… не играв една година. На крајот, се појави таа Струмица. Тие ме договорија само затоа што претходно играв за Партизан. Чекав да ми платат карта за да одам и да потпишам договор, а оттаму ми велат: „Па дојди, сигурно имаш автомобил или нешто слично“. Тоа беше целосен аматеризам. На крајот ми велат: „Дојди со авион, ние ќе го рефундираме тоа“. Паднав на таа стара фора и никогаш не го добив тие пари. Во тој клуб бев неколку месеци, во кои слушав само лаги и ништо друго. Замислете, во самата сала не можевме да пиеме вода по тренинг бидејќи чешмата беше замрзната. Ништо не функционираше. Ни должеа и неколку плати и морав да пресечам, а тие го распуштија клубот бидејќи немаа финансиски средства. Сите си заминаа по дома за Нова година, а јас им кажав дека нема ниту да се вратам бидејќи не даваа плати, ситуацијата беше лоша, замрзнати чешми, ладна сала… говореше, меѓу другото, Бешовиќ.
Потоа, тој се присети и на една ситуација од периодот кога престојуваше во Струмица, каде што сместувањето не му било по мерка, пред сè поради неговата корпулентност.
- Исто така морам да напоменам, живеев во стан со еден соиграч. Во него имаше еден кауч на расклопување и еден тросед. Некое време спиев на троседот, на подот, катастрофа. Потоа се појави еден Македонец на кој му го раскажав целиот проблем, а тој ми вели: „Брате, имам еден пријател кој изработува душеци, сакаш ли да појдеме и да земеме душек за тебе, некој поголем, по твоја мера?“ Веднаш прифатив. Тргнуваме со автомобил „рено меган“, стигнуваме во фабриката и му нудат еден душек 2,5-2,5 метри. Им велам: „Добро, направете го по мера, пресечете го вишокот“, а оттаму добивам одговор: „Извини, ама не можеме да го сечеме“. Велам во ред, барем ќе имам на што да спијам, наместо на под. Ја прифаќам понудата и мислев дека истото парче душек ќе ми биде доставено до дома, но не беше така. Го врзуваме душекот на кровот на „меганот“, пријателот вози, а јас го држам душекот кој тежеше можеби 150 килограми. Едвај стигнавме до станот каде што бев сместен, а доаѓа нов проблем – како да го внесеме? Се обидуваме на секој начин, а во меѓувреме доаѓа сопственикот на станот и ни бара пари за кирија – овие ниту кирија не плаќале. Ајде, некако успеавме да се договоривме, успеавме да најдеме заеднички јазик. Влегуваме со душекот во дневната, го спуштаме, во просторијата и вратата едвај можевме да ја отвораме, колку само да влеземе. На тој душек спиев околу два месеца, колку што бев и во клубот. Замислете, две-три сезони претходно бев во Партизан, а на крајот морав да ја спасувам кариерата низ Македонија, да товарам душеци и сè останато, се присети поранешниот кошаркар на Струмица, кој ги бранеше боите на овој клуб во 2016 година.
Инаку, Бешовиќ своевремено важеше за еден од најталентираните кошаркари во регионот и голема надеж на Партизан, а денес веќе не можете да го видите на теренот за време на професионалните натпревари. Всушност, додека играте кошарка, многу е поголема веројатноста да го чуете гласот на Немања Бешовиќ (33), кој на крајот од својата професионална кариера реши да го промени својот живот и да стане спортски коментатор. Моментно е вработен во телевизијата „Арена Спорт“.











