Леброн Џејмс и Стеф Кари се првите големи ѕвезди што го загубија статусот за избор во најдобрата петорка на сезоната во НБА-лигата поради новото правило за минимален број натпревари. Близу до тоа се и Никола Јокиќ, Виктор Вембањама, Лука Дончиќ и Шаи Гилџус-Александар.
Поради повредите и контроверзното правило воведено во сезоната 2023/2024, НБА би можела да се претвори во натпреварување во кое најголемите играчи остануваат без заслуженото признание. Ова е сериозен удар за маркетингот на лигата, кој се базира на промовирање на нејзините ѕвезди, според извештаите на медиумите.
Пред две години, НБА воведе услов според кој играчот мора да одигра најмалку 65 од 82 натпревари од регуларната сезона за да се натпреварува за индивидуалните награди, вклучително и за избор во најдобриот тим на сезоната.
Целта беше да се охрабрат ѕвездите да играат почесто, но правилото стана тешко остварливо за оние што се борат со повреди. Како резултат на тоа, Леброн Џејмс, Стивен Кари и Јанис Адетокумбо веќе испаднаа од списокот со кандидати.











