Денес предизвиците се сè посложени, се соочуваме со климатски промени, со потреба од енергетска ефикасност и одржливост, со брз развој на нови материјали и технологија и со неопходност од безбедни, отпорни и паметни инфраструктурни системи. Овие предизвици бараат добро размислување, иновативен пристап и соработка меѓу науката, практиката и институциите. Токму ваквите собири имаат посебна вредност, тука се раѓаат идеи, се градат партнерства и се создава патот напред кон поодржлива, побезбедна и поефикасна патна инфраструктура, беше посочено на отворањето на конгресот

– Изминаа 6 години од Првиот македонски конгрес за патишта и три години од Вториот и прерасна во еден од најзначајните настани кај нас, во регионот и пошироко. И покрај глобалните предизвици, градежништвото во Македонија повторно се покажа како еден од најиздржливите и најважни сегменти во економијата, кој и во најтешките услови не заборава да создава, да се поврзува и, секако, да гради иднина – истакна проф. д-р Горан Мијоски, претседател Друштвото за патишта на Република Македонија, кој е организатор на Третиот македонски конгрес за патишта кој оваа година се одржува под мотото „Градиме подобри патишта за побезбедна иднина“, а весникот ВЕЧЕР е медија партнер.
Во обраќањето пред големиот број научници, експерти и професори од земјава и од светот, Мијоски рече дека конгресот е место за размена на научни и стручни сознанија и идеи, искуства меѓу инженерите, истражувачите, претставниците на државните институции, градежни компании, со заедничка цел, создавање на подобра, побезбедна и поодржлива патна мрежа. Во таа насока, тој посочи дека се пристигнати повеќе од 100 стручни труда од 50 професори и експерти од 17 европски држави.
– Инвестициите во инфраструктурата остануваат двигатели на економскиот пораст, а градежништвото и понатаму е клучен генератор на позитивните промени. Затоа е потребно континуирано вложување во патната инфраструктура со задолжителна поддршка на домашните градежни компании. Досегашните наши искуства говорат дека македонските компании по ништо не заостануваат во однос на странските при исти услови на работа – нагласи Мијоски.
Тој се осврна на еден евидентен проблем во моментот, а тоа е проблемот со персоналната инфраструктура изразена преку капацитетот на човечки ресурси, пред сè во стручен инженерски кадар.

– Македонија отсекогаш била печалбарска земја и имало одлив на кадар. Но сега има недостаток на студенти и оттука се поставува прашањето – како ќе ги надополниме за потребите на македонското градежништво. Државата треба да донесе сет мерки кои ќе резултираат со подобрување на состојбата. По завршувањето на периодот на изградба на автопатските делници што се случува во моментов, ќе добиеме дополнителни површини под асфалт и отсега треба да носиме одлуки за управување и за одржување со патната мрежа. Треба да ја напуштиме стратегијата „изгради го патот и користи го без одржување до пропаѓање“. Повикувајќи се на своето стручно искуство, можам да кажам дека патиштата се исто како и пријателствата, ако не ги одржуваш – тие пропаѓаат. Во конгресот ја гледам линијата на поврзување на знаењето, на искуството и визијата за современа инфраструктура што во следниот период ќе ја движи Македонија напред – додаде Мијоски.
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Јосиф Јосифовски, рече дека оваа високообразовна институција веќе 76 години создава кадри и активно работи на истражувања кои директно ја поврзуваат изградбата и развојот на нашата патна мрежа.
– Многумина од нашите професори и дипломирани инженери се потпишани зад најзначајните патишта, мостови, тунели низ државата. Тие се дел од историјата на македонското градежништво, но се и темел на неговата иднина. Денес предизвиците се сè посложени, се соочуваме со климатски промени, со потреба од енергетска ефикасност и одржливост, со брз развој на нови материјали и технологија и со неопходност од безбедни, отпорни и паметни инфраструктурни системи. Овие предизвици бараат добро размислување, иновативен пристап и соработка меѓу науката, практиката и институциите. Токму ваквите собири имаат посебна вредност, тука се раѓаат идеи, се градат партнерства и се создава патот напред кон поодржлива, побезбедна и поефикасна патна инфраструктура – нагласи Јосифовски.

Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, магистер Дејан Метикош, истакна дека нашите патишта се крвоток на економијата, комуникација и на поврзување меѓу луѓето и во нив е мрежена историјата на нашето инженерство, труд и посветеност на многу генерации професионалци кои со својата експертиза ја градат иднината на нашата држава.
– Во времето на брзи технологии, климатски промени, растечки барања за одржливост, улогата на инженерите и на архитектите е поважна од кога и да било. Денеска не е доволно само да градиме патишта, мора да градиме интелигентна, безбедна и еколошка инфраструктура која ќе му служи и на човекот и на природата во исто време. Комората е тука е да го поддржи тој процес, преку промоција на високи професионални стандарди, преку континуирана едукација и преку интеграција на македонските инженери во европските и светските трендови, а конгресот е токму тоа – платформа за споделување искуства, идеи, нови технологии и партнерства – рече Метикош.
Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, потсети дека во земјава во моментов се одвива инвестициски циклус од половина милијарда евра, кој се реализира преку изградба на автопатишта, експресни и регионални патни правци.
– Без патиштата нема логистика, нема трговија. Добро развиена патна инфраструктура е клучна за секоја држава и е основа за економскиот развој. Нашите политики се јасно насочени кон создавање модерна и функционална патна мрежа. Се надевам дека по овие два дена ќе излеземе со повеќе знаење, да бидеме поподготвени за новото време кое носи нови технологии, како што е примената на вештачката интелигенција – нагласи Трајановски, кој присутните ги запозна со предизвиците што ги имал со својот тим од ЈПДП при изградбата на веќе завршени патни делници, но и оние што се градат во моментов, а проблемите на кои наидуваат ги решаваат во од.

Трајановски нагласи дека наредната година ќе се соочат со нов предизвик, а тоа е отпочнување со изградба на автопатите Кичево – Букојчани и Скопје – Блаце. Тој најави дека ќе се постави нова сигнализација на некои од критичните правци за поголема безбедност во сообраќајот.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Живко Попов, потсети дека во време на климатски промени треба да се спојат теоријата и науката, инженерските и владините политики, за да се создадат отпорни и безбедни патишта, а МАНУ тука ќе помага преку научно-истражувачки проекти.
Заменик-претседателот на Владата, Љупчо Димовски, како последен говорник на отворањето на дводневниот конгрес, рече дека градежништвото е столб на развојот на државата, а инженерите се негови креатори и тука тој го гледа спојот на визијата и на реализацијата.
– Очекувам овој конгрес да постави нови стандарди на соработка и на професионализам – рече Димовски.
Првото предавање на конгресот го одржа професорот Горан Мијоски, кој говореше за хемиските адитиви што се ставаат во асфалтот за подобрување на неговата обработливост во екстремни услови при асфалтирање (мраз или висока температура). Се очекува од некои од учесниците да се слушне за примената на новите технологии во сообраќајот, како и за примената на вештачката интелигенција во патната инфраструктура. Ќе бидат презентирани нови проекти, а ќе стане збор и за другите видови транспорт (железница, воздушен, воден и Интернет), статусот, проектите и за развојните перспективи. Ќе биде ставен акцент на имплементацијата на светските искуства и добри практики во македонската инфраструктурна реалност, со цел модернизација, поголема безбедност и ефикасност на транспортниот систем.
(С. Бл.)












