Најголемата желба на калчолигашот Милан, Ардон Јашари (22), деновиве ќе биде во Македонија каде ќе присуствува на свадбената церемонија на неговиот брат, закажана за денеска. Оваа информација ја пласираше белгискиот весник „Ниусблад“.

Инаку, за фудбалерот на Клуб Бриж, кој има потекло од Македонија, се зборува со месеци, а според голем број италијански медиуми, тој е една од најголемите желби на тимот од Милано ова лето. Најконкретни информации околу оваа трансфер-сага изнесе добропознатиот новинар Матео Морето, кој на јутјуб-каналот на Фабрицио Романо зборуваше за бескрајните преговори меѓу Милан и Клуб Бриж.

  • Во последните денови ви кажав како Милан беше оптимист во врска со доаѓањето на Јашари и како беше подготвен да ја зголеми понудата за да го обезбеди потписот на Јашари. Сепак, ова не беше одобрено од Клуб Бриж. Милан официјално го претстави новиот предлог на Белгијците. Бројките се слични на претходната понуда, но фиксната компонента е зголемена: од 32,5 милиони евра на 33,5 милиони евра. Сега треба да видиме дали Клуб Бриж ќе го прифати овој предлог, кој вклучува и бонуси кои се лесно остварливи, што значи дека лесно би можел да достигне 35 милиони евра, истакна Морето.

Клуб Бриж отсекогаш барал фиксна сума од 35 милиони евра плус бонуси за да достигне околу 40 милиони евра. Останува да се види дали белгискиот клуб, кој исто така го постави тоа како прашање на принцип, ќе ја прифати најновата понуда на „росонерите“. Клуб Бриж беше изненаден од зборовите на спортскиот директор Игли Таре за „Газета дело спорт“. Белгијците не го поздравија овој медиумски притисок на самиот ден од натпреварот од првата лига. Клуб Бриж беше многу вознемирен од зборовите на Таре, кој призна дека дал сѐ од себе и дека ова ќе биде последната понуда за Јашари.

Челниците на белгискиот тим не се задоволни ниту од однесувањето на играчот кој во последните недели прави сè што може за да се приклучи на Милан. Сега „росонерите“ очекуваат одговор од Клуб Бриж наскоро, веќе во првите неколку дена од оваа недела, а дотогаш, Јашари ќе се весели на свадбата на својот брат во Македонија.

Инаку, Јашари е со потекло од Куманово и има македонски пасош. Сепак, тој одлучи да настапува за Швајцарија и веќе има четири настапи во дресот на оваа земја.

Македонија своевремено се обиде да го доведе Ардон Јашари да игра за нашиот национален тим, но тоа никогаш не се случи. Контактот преку неговите менаџери и семејството кога Јашари сè уште беше во У19-репрезентацијата на Швајцарија беше остварен, но тогаш тој одлучи сепак да остане и да игра за оваа селекција. Кога Македонија го оствари вториот посериозен контакт и го повика за У21-репрезентацијата, Јашари веќе доби повик за А-селекцијата на Швајцарија.

ИЗДВОЕНИ