Конгресот на СДСМ најавен за в сабота, најверојатно, ќе покаже каков ќе биде расплетот на внатрешните конфронтации што ѝ се случуваат на најголемата опозициска партија, а кои деновиве зовриваат. Односно, ќе се види дали на оваа партија ќе ѝ се случат и формални внатрешни поделби или, пак, големата бура ќе стивне. Вакво е мислењето и очекувањето на политичките аналитичари врзано со бурните случувања меѓу социјалдемократите на линија актуелното раководство на чело со Венко Филипче и поранешни видни партиски функционери, Петре Шилегов, Јован Деспотовски…
Поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, синоќа отвори нова епизода од веќе активниот конфликт со лидерот Филипче. Тој, во одговорот на новинарско прашање каков вид промени бара, отворено побара заминување на лидерот.
– Барам лично заминување, зашто согласно со статутот, претседателот на партијата е тој што го дава конечниот збор или изборот на кандидатите за градоначалници. Не можете вие да барате одговорност од сите околу себе што, патем кажано, и ја немаше, туку се изврши некое шминкање на Извршниот одбор, а вие сте тој што сте ги номинирале луѓето што го доживеале тој изборен дебакл и сте ги креирале политиките што јавноста не ги препознава. И сега граѓаните се криви, кандидатите за градоначалници се криви, не знам кој сè е крив, ама највисокото раководство, тие неколку луѓе, никако не се криви. Тоа за мене е неприфатлив стандард во политиката – рече Шилегов во телевизиско интервју.
Дали ќе се активира „сериозна групација“?
Тој дури најави дека наскоро ќе се случи активирање на сериозна групација во партијата водена со вакво барање
– Ќе дојде до определени барања не само од моја страна туку и од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога дел од пратениците ќе излезат од партијата, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција – рече Шилегов, додавајќи дека по таква консолидација СДСМ би можел да ја победи ВМРО-ДПМНЕ на изборите.
Сето ова веднаш предизвика и реакција и одговор на партијата.
– Обидите на ВМРО за рушење на СДСМ однатре продолжуваат преку Петре Шилегов. Тоа веќе на сите им е јасно. Не се знае само дали Шилегов е уценет или купен? Имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано. Пораката на СДСМ до сите вас е јасна и силна: обидите за уривање нема да успеат, нема да застанеме, правдата ќе победи. Ќе се избориме со сите напади. СДСМ од ова излегува само посилен. Борбата за слободна, демократска и европска Македонија започна – реагираат од СДСМ.
Истапот на Шилегов и најавата дека наскоро ќе се активира „сериозна групација во партијата“ се совпаѓа со неодамнешните најави во медиумите дека поранешни високи функционери на СДСМ се незадоволни од начинот на кој актуелното раководство управува со партијата. Од таа причина била поведена неформална иницијатива, чија цел „не е промени по пат на внатрешен конфликт, туку создавање силен и победнички СДСМ со заеднички сили“. Според неофицијалните информации, дел од оваа иницијатива се поранешниот потпретседател на СДСМ, Игор Ивановски, и поранешниот генерален секретар, Андреј Петров. При ова, се наведува дека не би било изненадување доколку настапат тимски при барање поддршка за раководење на партијата. Но, тие двајца досега не ги потврдија таквите најави.
И поранешниот функционер, Јован Деспотовски, вчера, со остар статус на „Фејсбук“ реагираше на, како што наведува, лагите, манипулациите и внатрепартиските пресметки на актуелното раководство на партијата.
– Доколку веднаш не следува јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета, лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ – најави Деспотовски.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, случувањата во редовите на СДСМ можат да отидат во два правци.
– Едниот правец е да се оди на уште поголема дезинтеграција на партијата, а вториот е стивнување и смирување на работите ако тие не биле автентични во својата основа. СДСМ е секако во една инстроспективна фаза во која е нормално да се води дебата за тоа дали лидерот е соодветен и дали треба промена. Оттаму, можно е да се случи ескалација на конгресот, но може и да се случи целата крената прашина да слегне – вели Арсовски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Предизвикот на новата партија
Тој смета дека ако се случи поголем раскол во нивните партиски редови, многу повеќе треба да се очекува формирање нова партија отколку внатрешна партиска фракција.
– Не треба да очекуваме фракција во ваква ситуација. Ако се случи внатрешен развод, ќе се оди кон формирање нов политички субјект. Тогаш СДСМ ќе се соочи со егзистенцијална криза, посебно доколку нова партија понуди нова енергија – оценува овој аналитичар.
Внатрешните разидувања и досега предизвикувале создавање нови партии од социјалдемократските редови. Во 2005 година беше создадена Нова социјалдемократската партија, откако нејзиниот основач, Тито Петковски, се отцепи од СДСМ. Потоа, беше формирана Социјалдемократската унија на чело со поранешниот функционер на СДСМ, Лазе Еленовски. Во 2023 година се формира Движење ЗНАМ – За наша Македонија, основано од поранешниот член на СДСМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Аналитичарот Арсовски наведува дека прашањето е како СДСМ сега би го преживеал создавањето на уште една партија од нејзините редови.
– Искуствата на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека тие релативно лесно ги преживеа создавањето на други партии од нивни поранешни функционери, кои атрофираа по неколку години. Но, сегашната состојба со СДСМ е поинаква. Тие имаат и структурални проблеми – нивните традиционални членови се намалуваат и поради биолошкото стареење, помладите се иселуваат, а во криза е и левичарската идеологија во светот. Проблемите се на повеќе нивоа и не се едноставни. Не е само до промена на возачот, туку и до моторот на партијата – објаснува Арсовски. (Б. Ѓ.)
Филипче: Работам прецизно и добро пресметав пред да се нафатам на ова
Лидерот Венко Филипче вчера порача дека нема намера да се повлече од функцијата бидејќи неговата главна цел е да продолжи да се бори за „заздравување на општеството“. На прес-конференција, тој нагласи дека тековните критики кон него и кон партијата доаѓаат од „поединци кои се уценети или купени“.
– Вистинските членови на СДСМ и поддржувачите ги препознаваат тие обиди да се ослабне опозицијата. Јас верувам во ова што го правам. Јас сум човек што работи прецизно и добро пресметав пред да се нафатам на ова. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите и да влеземе во Европската Унија. Тоа е мојата стратешка цел – изјави Филипче.












