Историска заплена на меѓу 27 и 30 тони марихуана е неофицијалниот резултат на големата синоќешна акција на македонската полиција и на Обвинителството, со цел да се спречи илегалната трговија со оваа наркотична дрога. Јавноста вчера беше во исчекување и на официјална потврда за запленетото количество, но до затворањето на весникот, не дојде таква потврда од македонското МВР. Но, видеоснимките во медиумите на кои се гледаат бројни камиони и комбиња со полициска придружба и со силни полициски сили, како влегуваат и излегуваат од локациите, изгледаа убедливо. Останува само дилемата дали од локациите и од магацините на скопските и на струмичките фирми било собирано целото складирано количество марихуна или само откриеното нелегално количество, кое било наменет за илегален шверц?
Според сознанијата, големата полициска акција е спроведена во просториите на фирмата „Алфафарм“ на подрачјето на поранешниот хемиски гигант ОХИС. Таа фирма, основана во 2023 година, и нејзиниот косопственик Иван Дрангиќ, беа означени како главен извор на илегално префрлање на пет тони марухуана од Македонија во Србија, но која потоа беше откриена од страна на српската полиција кај Крушевац. Но, таа е само дел од вкупно 43 активни регистрирани правни лица за одгледување на марихуаната за медицински цели, откако досега им биле одземени лиценците на 14 фирми, а во фаза на одземање се и лиценците на уште четири фирми. Тоа води кон прашањето за тоа што сè се наоѓа и во другите магацини и што се прави со складираните пакети?
Лиценци како лисја
Изјавите на надлежните државни претставници, деновиве, укажуваат дека состојбата со нелегалните дроги во земјава била – катастрофална. Тој, во интервјуто за националната телевизија, изјави дека очекува МВР да објави информации за десетици тони дрога која е незаконски пуштена во промет или складирана.
– Тоа е сериозен случај. Станува збор за проект кој во минатото го водеше претходната влада, доведувајќи голем дел од граѓаните и инвеститорите во заблуда дека така ќе станат милионери и дека сè ќе се случува поинаку, во рамки на економска трансформација. Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Очекувам деновиве МВР да излезе со десетици тони недозволени материи, дрога, марихуана, кои моментално се наоѓаат во складиштата во Македонија или преку одредени правни субјекти незаконски пуштени во промет, и тоа и во земјата, и надвор од неа – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка и мачна ситуација.
– Оваа акција трае со години и не сме можеле секогаш јавно да објавуваме бројки и податоци. Но, она што ќе го слушнат и ќе го видат овие денови ќе биде навистина нешто катастрофално. Сите креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе кои, за жал, станале жртви на ваквиот начин на функционирање – нагласи Мицкоски.
Законска основа за основање на фирмите за одгледување марихуана беше донесена во 2016 година, кога тогашната Влада го измени Законот за контрола на наркотички и психотропни супстанции, по што се овозможи отворањето на вакви фирми. Потоа, следуваше масовно отворање на ваквите фирми, при што, надлежните државни раководители често изјавуваа дека тоа е голема шанса за македонската економија и дека може да се очекува годишен профит од 250 милиони евра и нови работни места. Во меѓувреме, отворањето на бројните фирми во периодот од 2017 година па наваму, во јавноста ги следеа озборувањата дека издавањето лиценци се наплаќа многу и со валкани пари, дека зад фирмите стојат луѓе од политичкиот и бизнис-естаблишмент… За издавањето на лиценца беше потребно одобрение од Министерство за здравство по претходно добиена согласност од Владата. Напоредно со ова, полицијата секоја година почна да открива по неколку големи случаи на илегално количество марихуана по магацините, во камионите и автомобили со кои биле праќани на патот на шверцот кон другите држави и црни пазари.
Безбедносните експерти, деновиве за весникот ВЕЧЕР, изјавија дека преголем број фирми за производство, отсуството на редовна контрола од надлежната инспекција, но и законската забрана овие фирми да го извезуваат цветот на канабисот, создаваат плодна почва за шверцот и илегалната трговија.
– Големиот број фирми и површините каде што се одгледува канабис не се контролираат од надлежните органи, посебно не од Инспекторатот од Министерството за здравство што ја издало лиценцата. Па, така, сопствениците имаат можност да одгледуваат и поголемо количество канабис, а кое потоа лесно завршува во рацете на криминалците преку разработени шверцерски канали. Нам ни е потребна првенствено силна контрола на теренот, посебно кај фирмите кои имаат лиценци за тој бизнис – изјави за весникот ВЕЧЕР Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР.
Од каде тони илегална дрога, ако имало редовни контроли?
Прашањето за недоволната контрола на леите во кои растат насадите на канабисот во јавноста се поставувало секојпат кога полицијата откривала големи случаи на шверц на марихуана. Во изминативе години имало повеќе крупни случаи. Пред четири години, во Битола, полицијата најде стотици килограми марихуана, која потекнуваше од битолската фирма „Медицал 420“ во вредност од 800 илјади евра. Пред шест години, во Арачиново, Скопско, полицијата најде само 231 килограм од близу два тони марихуана кои биле украдени од фирмата „Херб индустри“ во Валандово. Останатиот дел завршил во Косово. Во 2022 година, полицијата заплени вкупно еден тон и 600 килограми марихуана, чија вредност се проценува на 3.200.000 евра. Најголемиот дел од дрогата е запленет во фирма регистрирана за одгледување канабис за медицински цели во Струмица. Пред пет години, на превојот Плетвар, во успешна акција на МВР помогната од Американската служба за борба против дрога – ДЕА, во запрените возила биле откриени околу 200 килограми марихуана од плантажите во Прилепско…
Но, министерот за здравство, Азир Алиу, вчера ја убедуваше јавноста дека контролите и лани биле редовни.
– Министерството за здравство, по давањето на такви лиценци и дозволи, врши редовни и повремени контроли. Според нашите протоколи, тие секои три месеци редовно мора да ги известуваат нашите канцеларии, нашата институција. Од наша страна, со Инспекторатот, исто така, имаме годишен план на контроли, но имаме и ад-хок посети, ако е потребно. За тоа дали излегуваат надвор и како се пренесуваат една во друга институција, според протоколите, мора да нè информираат. Но, ако е надвор од тие протоколи, ние не сме надлежни како институција, за тоа е надлежно Министерството за внатрешни работи – посочи Алиу.
Вакви изјави за редовни контроли вчера дадоа и од Комисијата за канабис, при што, во случаите каде што се утврдени неправилности, Комисијата постапува согласно со законските надлежности и преземала соодветни мерки. Но, тогаш се поставува прашањето: ако имало редовни контроли, како тогаш останале неоткриени дури триесетина тони марихуана, кои прексиноќа ги заплени македонската полиција само од неколку лиценцирани фирми? Тоа е само едно од прашањата што води и кон главното – што да се прави со овој, сè повалкан бизнис во Македонија? (Б. Ѓ.)
Барања за итна забрана на производство на марихуана
Демократскиот сојуз, вчера, побара македонското Собрание по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана за наводни медициски цели. И „Единствена Македонија“ предложи државата да го преземе одгледувањето марихуана.












