Во Соединетите Американски Држави се регистрирани 1.277 случаи на мали сипаници – морбили од почетокот на годинава, што ја прави оваа епидемија најлоша во повеќе од три децении, соопшти Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), како што објави Си-ен-ен, најголемиот број од заразените луѓе се невакцинирани, додека само осум проценти од потврдените случаи се регистрирани кај луѓе што примиле една или две дози од ММР-вакцината.
Според официјалните податоци, досега најмалку 155 лица се хоспитализирани, додека тројца пациенти починале, што се првите смртни случаи предизвикани од морбили во САД, во последните десет години. Најголем број заболени има во државите Ново Мексико, Оклахома и Тексас, но епидемијата се шири и во други делови од земјата. Сега, ново жариште станува Јужна Каролина, чии здравствени власти соопштија дека повеќе од 150 невакцинирани деца се во изолација од 21 ден поради контакт со луѓе заразени со мали сипаници, попознати како морбили, пренесува Би-би-си. Случаи на заразени со морбили се забележани и во сојузните држави Јута (55) и Аризона (63).
ЦДЦ предупредува дека најранливи се децата под пет години, кои сочинуваат дури 28 проценти од вкупниот број пациенти.
Здравствените власти во САД ги повикаа сите летни кампови да го проверат статусот на вакцинација на учесниците, со оглед на тоа што присуството на голем број деца на едно место го зголемува ризикот од ширење на болести.
– Камповите треба да добијат доказ за вакцинација, да ги прегледаат децата по пристигнувањето и да подготват соби за изолација во случај на симптоми – се наведува во најновите упатства на ЦДЦ.
ММР-вакцината, која е за мали сипаници, заушки и за рубеола, се смета за безбедна и многу ефикасна, при што една доза обезбедува 93 проценти заштита од мали сипаници, додека две дози обезбедуваат заштита од 97 проценти. И покрај достапноста на вакцината, како што објаснува Си-ен-ен, САД четврта година по ред не ја достигнале целта од 95 проценти вакцинирани деца од предучилишна возраст, што е прагот што, според податоците на Министерството за здравство на САД, е потребен за да се спречат пошироки епидемии.
Голем број случаи на заразени се забележани и во Канада, особено во Алберта и во Онтарио. Канадските власти пријавија вкупно 5.024 случаи, трипати повеќе отколку во Америка, иако земјата има значително помалку жители.
Експертите предупредуваат дека малите сипаници не се „бенигна болест на детството“, како што се обидуваат да прикажат некои „антиваксери“, туку дека вирусот може да предизвика сериозни компликации, вклучувајќи пневмонија, воспаление на мозокот (енцефалитис) и губење на слухот. Тие додаваат дека малите сипаници остануваат една од најзаразните болести во светот.