Градежните експерти велат дека и во градежништвото, како и во другите стопански гранки, цвета сивата економија. Тие посочуваат дека преку градежниот сектор најлесно се легализираат црните пари и дека во државата постојат многу инвеститори што еднаш ќе се појават на пазарот, а потоа ги нема. Поради тоа, како што велат, за разлика од европските земји каде што купувањето недвижности без да се земе кредит, односно хипотека, е вистинска реткост и можат да си го дозволат само најбогатите, кај нас тоа многу често се случува

За разлика од европските земји каде што многу ретко се купува стан во кеш, кај нас купувањето недвижности во готовина е секојдневие. Иако во изминатиот период податоците покажуваат дека е зголемено станбеното кредитирање, се чини дека купувањето недвижности во готовина е постојано без оглед на тоа дали каматите на станбените кредити се на повисоко или на пониско ниво.
Ваквите трендови го наметнуваат прашањето од каде толку многу кеш на пазарот на недвижности во државата? Градежните експерти велат дека и во градежништвото, како и во другите стопански гранки, цвета сивата економија. Тие посочуваат дека преку градежниот сектор најлесно се легализираат црните пари и дека во државата постојат многу инвеститори што еднаш ќе се појават на пазарот, а потоа ги нема.
– Потеклото на парите не може да биде недефинирано. Со пари за кои не се знае од каде доаѓаат, ги нарушија правилата во бизнисот и во градежништвото. Неосновано и без економска логика ги креваат цените за откуп на земјиштето за градба и процентот на соинвеститорство и заедничка градба со сопствениците на земјиштето. Порано сопствениците на земјиштето добиваа 25, а сега 40 отсто од изградената површина. Тоа упатува на фактот дека на инвеститорите им се важни два момента. Прво, да ги легализираат црните пари, кои преку градежништвото најлесно се легализираат. На инвеститорот не му е важно колкав процент од изградениот објект ќе му отстапи, туку му е важно да ги легализира парите – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт и сопственик на градежна компанија.
Градежните експерти велат дека инвеститорите ги креваат цените за квадратен метар станбена површина бидејќи им отстапиле многу на сопствениците на земјиштето. За да не отиде во загуба, инвеститорот ги дига цените на становите и на крајot, крајниот потрошувач го плаќа тоа.
– Ова се инвеститори во градежништвото, не се градежни компании. Тоа се фирми или поединци што се занимаваат со други бизниси и преку градежништвото ги перат парите. Тие инвеститори немаат надзор на градбата. Имаат само фиктивен договор за надзор, а фирмите им се без раководител на објект. Поради тоа, почна да се става прашалник за квалитетот на градбите. Има повеќе случаи каде што инвеститорите го пробиле крајниот рок и не може да го внесат објектот во катастар од причина што прават измени во текот на градбата, кои отстапуваат од првичниот план за градба. Сопствениците на станови, пак, не можат да добијат имотен лист – велат експертите.
Неодамна од Управата за јавни приходи објавија дека ќе ги проверуваат продажбата на станови во готово, реалната вредност на објектите, пријавените приходи… УЈП го идентификува градежниот сектор како многу ризичен поради зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово.
Според податоците на Регистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, на целата територија на државава се регистрирани се 845 новоизградени станови, односно станови од инвеститор, што е за 169 станови повеќе од вториот квартал во 2025 година. Од евидентираните 937 продажби 845 се за станови, 89 за куќи, а две продажби на гаражи.
Доколку се направи споредба на продажбата на новоградбите од третиот со вториот квартал од годинава каде што се регистрирани 754 такви продажби се забележува пораст за 183 продадени новоградби во третото тримесечје.
Исто така, ако се направи споредба на продажбата на новоизградени станови во овој квартал со вториот квартал од 2025 година каде што се регистрирани 676 продажби на станови од страна на инвеститор, односно продажби на нови станови, тогаш се забележува пораст во третиот квартал од 2025 година, и тоа за 169 продадени новоизградени станови.
Доколку се разгледа купопродажбата на недвижностите по типови на купопродажба, може да се забележи дека најголемиот број купопродажби припаѓаат на купопродажби на станови, со 32 процента.
Најголем број продадени станови евидентирани во Регистарот на цени и закупнини има во општина Аеродром, 275 станови, а Битола е со најмногу продадени куќи, 71. Од скопските општини во третиот квартал во Центар се продадени 236 станови, 133 во Чаир, 121 во Гази Баба, 114 во Кисела Вода, 103 во Карпош… Во Гостивар се продадени 11 станови, во Охрид 99, во Тетово 84, во Струмица 83…
(А. С.)












