Најдобрите вина на светот ќе се вкусуваат во Кавадарци

179

Интернационалниот натпревар за најдобри вина, кој се одржува по десетти пат, и годинава ќе се организира во Кавадарци, во рамките на Здружението за негување и развој на винската култура, винскиот туризам и производите од грозје „Винотек“.

Од Здружението објавија јавен повик за доставување мостри за натпреварот, кои ќе бидат оценувани од стручна комисија по дегустацијата. Настанот се организира по повод Свети Трифун, денот на лозарите и на винарите, кој се одбележува на 14 февруари, во соработка со средното општинско земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци.

Покровители на настанот се градоначалникот и Општина Кавадарци, како и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Се оценуваат вина произведени од регистрирани производители, мали семејни винарници, домашни индивидуални производители и странски винарници. Натпреварот опфаќа повеќе категории: млади вина од бербата 2025 година (бели, розови, црвени) со посебна категорија за автохтоната сорта станушина, мирни вина (бели, розови, црвени), исто така, со посебна категорија станушина, како и најдобри странски вина. За секоја категорија е потребен минимум од седум мостри – соопштија од „Винотек“.

Оценувањето ќе го спроведе петчлена стручна комисија под раководство на професор д-р Михаил Петков, а најдобрите три вина од секоја категорија ќе добијат пехари, медали, дипломи и награди.

 

 

ИЗДВОЕНИ