Западните сојузници на Киев ќе постават безбедносни гаранции за Украина во рок од 10 дена за да спречат понатамошни руски напади во случај на мировен договор со Москва, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон.
„Безбедносните гаранции веројатно ќе ги одлучат нашите партнери, а ќе има сè повеќе детали, бидејќи сè ќе биде запишано и формализирано во рок од седум до 10 дена“, изјави Зеленски доцна синоќа по преговорите во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери.
Зеленски додаде дека е важно САД да испратат јасен сигнал дека ќе бидат меѓу земјите што ќе помагаат, координираат и исто така ќе учествуваат во безбедносните гаранции за Украина.
„Мислам дека ова е голем чекор напред“, додаде Зеленски, кој изјави дека имал „најдобри разговори“ со Трамп досега во обид да се најде решение за војната во Украина.
Неколку европски лидери беа присутни во Вашингтон за да ја поддржат позицијата на Киев.
Меѓу нив се францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер, финскиот претседател Александар Стуб, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.