среда, февруари 25, 2026
Дома СВЕТ Најбруталниот мексикански картел остана без водач! „Ла Хефа“ или „Ла Негра“ –...

Најбруталниот мексикански картел остана без водач! „Ла Хефа“ или „Ла Негра“ – кој ќе го наследи „Ел Менчо“?

561
screenshot X

Розалинда Гонзалез Валенсија, 63-годишната вдовица на Немесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, повторно е во центарот на вниманието откако беше убиен водачот на картелот „Халиско“.

Во светот на мексиканските нарко картели, таа е позната како „Ла Хефа“ – „Шефица“.

По смртта на Ел Менчо, Мексико беше во состојба на висока готовност. Училиштата беа затворени, сообраќајот беше делумно парализиран, а беа забележани напади врз инфраструктурата, додека членовите на картелот започнаа акции за одмазда, пренесува „Дејли меил“.

Мексиканскиот министер за одбрана Рикардо Тревиља изјави дека Ел Менчо е пронајден по посетата на неговата „романтична партнерка“.

– По таа посета, соработник на жената им кажал на властите каде е Ел Менчо, а специјалните сили извршиле рација во неговото скривалиште – рече Тревиља, без да го прецизира идентитетот на жената.

Розалинда и Ел Менчо се венчаа во 1996 година и имаат три деца, но според локалните медиуми, тие не се заедно од 2018 година, иако не се развеле. Некои аналитичари веруваат дека Розалинда, поради нејзините семејни и финансиски врски, би можела да го преземе водството на картелот. Таа претходно се соочила со властите. Првпат била уапсена во 2018 година, а потоа повторно во 2021 година. Мексиканските власти во тоа време го опишаа нејзиното апсење како „значаен удар врз финансиската структура на организираниот криминал“, обвинувајќи ја за учество во „нелегални финансиски операции на организирана криминална група“.

Мајк Виџил, поранешен раководител на меѓународни операции за американската Администрација за борба против дрога, ја нарече „нарко-кралица“.

„Таа има целосна доверба од Ел Менчо, сите информации и беше одговорна за перење пари на картелот“, рече Виџил.

Таа беше осудена на пет години затвор и ослободена на почетокот на минатата година поради добро однесување. Откако беше ослободена од затвор, таа навидум исчезна.

Розалинда Гонзалез порасна како најстара од 18 браќа и сестри. Таа е братучетка на еден од основачите на картелот Миленио – одгледувачи на авокадо кои го проширија својот бизнис за да вклучат и марихуана, пред да се трансформираат во криминална група за перење пари позната како Лос Квинис.

Според Министерството за правда на САД, криминалната група го финансирала создавањето и растот на картелот Халиско преку бизнис империја што вклучувала ресторани, хотели и салони за убавина. Операцијата наводно ја воделе тројцата браќа на Росалинда Гонзалез.

Две од нејзините три деца се уапсени и во САД. Ќерката Џесика Џоан Озгера Гонзалез, позната како „Ла Негра“, беше уапсена во Вашингтон во 2020 година и се изјасни за виновна по пет точки од обвинението за перење пари. Таа беше осудена на 30 месеци затвор. Таа е спомената и како потенцијален наследник на нејзиниот татко.

Нејзиниот брат, Рубен Осегера Гонзалез, познат како „Менчито“, беше екстрадиран во САД во 2020 година под обвинение за трговија со дрога. Подоцна беше осуден на доживотен затвор со налог за одземање на повеќе од шест милијарди долари приходи од трговија со дрога. Американските власти го сметаа за втор човек на чело на картелот Халиско.

Картелот прерасна во една од најмоќните криминални организации во Мексико во текот на изминатата деценија. Картелот Халиско е познат по директните напади врз безбедносните сили, вклучувајќи обид за атентат врз шеф на полицијата и соборување на воен хеликоптер. Тие ги проширија своите операции надвор од државата Халиско и воспоставија меѓународни шверцерски патишта, особено за кокаин, метамфетамин и фентанил, наменети за американскиот пазар.

Експертите проценуваат дека одлуката за наследникот на Ел Менчо ќе ја донесе врвот на организацијата.

– Ова е слично на она што се случи кога беше уапсен Ел Чапо. Водачите на оваа криминална организација ќе постигнат договор за тоа кој ќе ја преземе власта. Ако не можат да се договорат во рамките на организацијата, ќе има војна – рече консултантот за безбедност Дејвид Сауседо.

Хуан Карлос Валенсија Гонзалез, посинокот на Ел Менчо, се споменува како можен наследник, како и неколку други високи членови на картелот.

ИЗДВОЕНИ