Најбогатите во Силициумската долина градат засолништа и прават „апокалиптични резерви“ – Не ги плаши војна, туку неконтролираниот развој на вештачката интелигенција

277

Се обидувам да не размислувам премногу за тоа, но, имам оружје, злато, калиум јодид, антибиотици, батерии, вода, гас-маски од израелската армија и голем имот во Биг Сур каде што можам да летам, вели Алтман. Компанија за изнајмување луксузни вили открива дека Марк Закерберг сака да изгради огромен комплекс на Хаваи со земјоделски и со канцелариски простор, но и со бункер за судниот ден.

 

Додека јавно се натпреваруваат во развојот на вештачката интелигенција, некои од најмоќните луѓе во Силициумската долина тивко се подготвуваат за крајот на светот. Според порталот „Футуризам“, нов бран страв меѓу елитата е предизвикан од трката за доминација во областа на вештачката интелигенција (ВИ). Сè повеќе луѓе веруваат дека неконтролираниот развој на таканаречената вештачка општа интелигенција (АГИ) може да предизвика колапс на светскиот поредок.

Меѓу нив се добро познати имиња: Сем Алтман, извршен директор на „Опен АИ“ и Марк Закерберг, основач на „Мета“. Додека Закерберг, според медиумите, гради „мало засолниште“ од речиси 500 квадратни метри на Хаваи, Алтман е веќе познат по своите „апокалиптични резерви“, пренесува „Вечерњи лист“.

– Се обидувам да не размислувам премногу за тоа. Но, имам оружје, злато, калиум јодид, антибиотици, батерии, вода, гас-маски од израелската армија и голем имот во Биг Сур каде што можам да летам, рече Алтман во 2016 година за „Њујоркер“.

Поранешниот главен научник на „Опен Аи“, Илаја Сутскевер, кој сега ја води конкурентската компанија „Сејф суперинтелиџенс“, наводно пред неколку години рекол: „Дефинитивно ќе изградиме бункер пред да го објавиме АГИ“.

Во објава на компанијата за изнајмување на луксузни вили „Мед меншнс“ објавени се слики од засолништето што го наводно сака да го гради Закерберг.

– Откриени плановите за бункерот на Марк Закерберг, вреден 260 милиони долари, на скриен остров. Марк Закерберг сака да изгради огромен комплекс на Хаваи. Комплексот ќе има земјоделски и канцелариски простор, но ќе вклучува и бункер за судниот ден, стои во објавата.

Се додава дека Закерберг и неговата сопруга Присила Чан уште во 2021 година купиле напуштена плантажа за шеќер на Кауаи, најстариот остров на Хаваи. Имотот се протега на 110 хектари, но наместо да изгради уште една вила за себе, Закерберг сака да изгради бункер за судниот ден, што очигледно е најновиот начин на милијардерите да ја скријат својата ниска самодоверба.

И додека некои најавуваат катаклизма, други, како Алтман и Закерберг, јавно промовираат утописка визија за иднината во која вештачката интелигенција ги решава климатските промени и лекува болести.

Сепак, професорката по компјутерски науки од Универзитетот во Саутемптон, Венди Хол, предупредува дека за „суперинтелигенцијата“ сè уште се зборува повеќе отколку што, всушност, постои.

– Вештачката интелигенција е фасцинантна, но не е ни блиску до човечката интелигенција – изјави таа за „Би-би-си“. И покрај ова, вештачката интелигенција веќе силно го менува секојдневниот живот. Новите алатки за генерирање содржини, како што е Сора 2 на „Опен Аи“, ги замаглуваат границите помеѓу реалниот и дигиталниот свет и стануваат „мотор за дезинформации“. Сè повеќе луѓе, вклучително и малолетници, користат чет-ботови како Чет-ГПТ и

„Карактер.аи“ за разговор, совети, па дури и за романтични врски.

ИЗДВОЕНИ