Дали постепената интеграција на Македонија во ЕУ, односно „членство без право на глас“ може да биде начинот на кој ќе се избегне бугарското вето, но и ќе се запре булингот што ѝ се прави на нашата земја во веќе маратонскиот процес на пристапување? Вакви дилеми се наметнуваат по најавите на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека Македонија веќе во 2027 година би можела да стане дел од европското семејство, преку сценарио што сè погласно се разгледувало во Брисел, во рамките на мировниот план за Украина. Тогаш нашата земја би можела да седне на бриселската маса заедно со уште неколку земји, но притоа тие не би можеле да учествуваат во конечното донесување на одлуките.
Македонскиот премиер, Мицкоски, во јавните настапи во изминативе денови не го криеше својот позитивен однос кон едно вакво сценарио. На настапите на конференцијата „Европската иднина на Западен Балкан“ организирана од Паневропската унија на Македонија и при увидот во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани на Коридорот 8, тој не го криеше својот позитивен однос кон една таква опција. Но, истовремено, потсети на сите оние жртви што досега ги дала Македонија во име на исполнувањето на условите за членството во ЕУ, при што потенцира дека нашата земја и граѓаните биле жртви на „класичен булинг“.
Деблокирање на преговорите
При настапот на конференцијата, премиерот рече дека сè повеќе политичари во Брисел признаваат дека бил правен булинг.
– Македонија е жртва на класичен булинг од земји членки што однатре го уценуваат нејзиното интегрирање во ЕУ. И тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку според тоа дали ќе ги смениме Уставот, името, знамето, банкнотите и така натаму – рече премиерот. Само за нас, како земја кандидат, не важи мерит базираниот пристап. За нас важи билатерализација на пристапниот процес. Спорот меѓу Хрватска и Словенија беше билатерален спор, кој се реши во рамките на неколку месеци, откако тогаш Европскиот совет јасно кажа дека откако ќе ги заврши преговорите, Хрватска ќе стане дел од ЕУ, а потоа, на рамноправна основа, ќе има арбитражен спор во рамките на кој ќе се бара решение за билатералниот спор меѓу двете земји – Словенија и Хрватска – посочи Мицкоски и додаде дека не важело тоа за нас и дека сè уште не важи.
Тој посочи дека во моментов треба да се обрне внимание на иницијативата за која сè повеќе се зборува во политичките кругови во Брисел, а тоа е т.н. прва и втора лига земји членки, односно т.н. градуална или постепена интеграција. Според него, на еден од панелите на Михенската безбедносна конференција, еден од говорниците истакнал дека тоа што ѝ се прави на Македонија е криминал и додал дека нема никаква врска тоа со вредностите што ги дефинирале Аденауер, Шуман и Де Гаспери.
– Затоа треба многу добро да размислиме во однос на тоа што се заговара сега, за прва и за втора лига членки на ЕУ, односно за градуална или постепена интеграција, со многу заштитни механизми и, како регион, да донесеме одлука што мислиме и како мислиме да постапиме. Бидејќи и сега имаме земја што ја нарекуваат „фронтранер“. Се сеќавам дека и нас нè убедуваа дека сме „фронтранер“, само ако можеме да создадеме нова ентитетска структура на Балканот што ќе се нарекува „Северномакедонци“, па тогаш птиците ќе пеат и сè ќе биде убаво. Но реалноста е сосема поинаква и затоа треба да сме свесни за сите предизвици со кои ќе се соочуваме во годините што следуваат – додаде Мицкоски.
Според првото сценарио, покрај Украина, на „брза лента“ би се нашле и Црна Гора, Албанија и Македонија, а според второто, би се приклучиле и Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија. Тој појасни дека ова би значело влез со многу заштитни механизми, со цел процесот да биде побалансиран. Како пример за такви заштитни механизми ја посочи постојната земја членка на ЕУ, Полска, за која рече дека таквите механизми во делот на земјоделството траеле 20 години, односно државата не можела да ги користи структурните фондови во таа област сè до 2024 година.
– За нас би важел сличен принцип, како што ќе ги затвораме поглавјата, така постепено ќе се повлекуваат тие заштитни механизми. Нема да имаме право на глас, ниту право на комесар, но ќе можеме да учествуваме во работата на Европскиот совет и на институциите во Брисел – истакна премиерот и додаде дека сè погласно се зборува за овој концепт.
Мицкоски особено потенцира дека ваквиот прием на нашата земја во ЕУ практично ќе го деблокира процесот на нашите преговори за полноправно членство.
– Доколку земјава стане дел од ЕУ во рамките на процесот на постепена интеграција, за која сè повеќе се зборува во Брисел, тогаш Бугарија нема да може да стави вето, бидејќи државата и формално ќе биде дел од Унијата, но под условите што ги предвидува тоа градуално пристапување. Ќе бидеме на масата, а знамето на државата ќе се вее во Брисел доколку се операционализира тој процес – одговори Мицкоски, по извршениот увид во изградба на автопатот Гостивар – Букојчани.
Појаснувајќи ја иницијативата, посочи дека ќе бидат важни два услова, кои веќе се споменуваат во Брисел: заедничката надворешна и одбранбена политика и владеењето на правото, односно реформите што треба да се спроведат во овој дел.
– За нас, претпоставувам, ќе важи и трет услов, оној што го прифати претходната Влада, измената на Уставот – рече тој.
Забавување или забрзување на интеграцијата
Но она што е дилема е прашањето дали веќе сериозно се разработува вакво сценарио во Брисел и дали би било добро за македонските национални и државни интереси. Во однос на Брисел, во медиумите викендов се појавија информации што укажуваат дека последнава година, премиерот на Албанија, Еди Рама, во повеќе наврати ја пласираше тезата дека Албанија е на пат да стане членка на ЕУ до крајот на 2027 година, „без право на глас или нецелосно интегрирана членка“. Од друга страна, повеќе функционери и тела на ЕУ во неколку наврати зборувале за постепена интеграција на земји кандидати, но отворено не зборувале за моделот „членство без право на глас“. Воведувањето на ваквата формула би барало значителни промени во договорите врз кои почива ЕУ.
ВЕЧЕР вчера се обиде да добие мислења и процени од неколкумина експерти за надворешна политика, но тие останаа воздржани „додека не дознаат повеќе детали за моделот“. Од друга страна, претставници на меѓународната Паневропска унија сметаат дека предлогот за членство во ЕУ без право на глас не е добар. Сите треба да добијат полноправно членство, а не некој да биде со понизок статус, изјави Паво Паришиќ од Паневропската унија.
– Во резолуцијата што ја донесовме пред неколку месеци, во Винковци, меѓународната Паневропска унија предупреди дека тоа не е добар пристап, дека на тој начин процесот на интеграција во Европа би забавил и не само што би забавил туку и би се довел во прашање. Ние не сметаме дека е добро да постојат земји со различни статуси и дека може да се компензира со некакви регионални облици на соработка или со некакви пониски права на одредена земја – рече Паришиќ.
Првиот човек на Директоратот за ЕУ во МНР, Андреј Лепавцов, вели дека постои ваква идеја во ЕУ одамна, но и тој не се согласува со ваквиот вид получленство. Сепак, додава дека сè уште само се зборува за ова, но официјално нема ништо.
– Како Паневропска унија на Македонија и на меѓународната Паневропска унија, не сме на ставот дека ние треба да бидеме членови на ЕУ во втор или во трет ешалон, како сакате назначете го тоа. Но, јас залудно го зборувам ова кога и другата страна, ЕУ, досега нема одлучено како да биде. Значи тоа се тековни дискусии, нема ништо официјално околу тоа, тоа се само изјави и одделни желби на одредени центри во Европа – рече Лепавцов. (Б. Ѓ.)
Мицкоски не сака преговори за билатерални прашања, СДСМ сака полноправно членство
Премиерот Мицкоски посочи дека еден народ, една нација треба да е мудра и трпелива, да не носи избрзани одлуки, ниту, пак, одлуки под притисок.
– Затоа за еден народ и една нација нема поголемо зло од корумпирани, таканаречени лидери на таа нација, мекотели, луѓе што се мекото ткиво на нацијата и кои, за жал, ги изнагледавме во минатите години и децении на македонската политичка сцена. И тие се тие што нè доведоа до оваа ситуација во која се наоѓаме денеска, наместо да преговараме за вредности, за владеење на правото и за некои други стандарди, ние денеска преговараме за билатерални прашања што не водат никаде. Просто и едноставно е, нема никој жив од средниот век за да ни каже како било. Наместо да гледаме во иднината, ние се враќаме во десеттиот и единаесеттиот век, уште толкуваме чии биле оние тогашни учители во тоа време и нивните ученици. Македонскиот народ си има своја традиција, вековна, култура, наследство. Отсекогаш бил на вистинската страна на историјата, отсекогаш бил за сојузниците, никогаш не коленичел – нагласи премиерот.
Од друга страна, опозицискиот СДСМ вчера соопшти дека за него полноправното членство со сите права, вклучително и правото на глас, е единствената прифатлива опција.
– До денес нема официјална одлука на Европската комисија, Европскиот совет или на Европскиот парламент која предвидува прием на земја како полноправна членка без гласачки права. Доколку стане официјална позиција на ЕУ, дури тогаш може да се разгледува – изјави партиската портпаролка, Богданка Кузеска.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, пак, соопшти дека „единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“.
– Над 70 отсто од граѓаните сакаат ЕУ, а тој зборува за „булинг“ и за „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиумите, борба против корупцијата. Мицкоски и ВМРО не сакаат ЕУ, сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност, тоа е криминална вредност – напиша Филипче на „Фејсбук“.












